Американскиот актер Роберт Вагнер и официјално беше именуван како осомничено лице во истрагата за мистериозната смрт на неговата сопруга Натали Вуд, која под неразјаснети околности се удави во 1981 година.
Истражителите изјавија дека 87-годишниот Вагнер постојано ја менувал својата приказна, додавајќи дека неговата верзија на настаните не се вклопува.
Вуд беше пронајдена мртва во морето за време на патување со брод во Калифорнија, кога со нив бил и актерот Кристофер Вокен. Полицијата тогаш заклучи дека нејзината смрт е несреќа, но голем број прашања останаа отворени.
„Врз основа на истрагата во последните шест години, Роберт Вагнер сега стана осомничено лице. Знаеме со сигурност дека тој е последната личност која била со Вуд пред таа да исчезне. Деталите што тој ги кажа не се совпаѓаат со она што ни го кажаа други сведоци од случајот. Мислам дека тој постојано ја менува приказната по малку“, изјави Џон Корина од полицијата на Лос Анџелес.
Членови на семејството на Натали Вуд побарале од властите повторно да ги испитаат доказите од оригиналната истрага.
Познато е дека Вуд се забавувала во ноќта на трагичниот настан, при што било заклучено дека таа пиела и можеби се лизнала и паднала во морето. Сепак, двајца сведоци имаат изјавено дека таа ноќта се карала со Вагнер и дека можеби била нападната од него.