„АЛКАЛОИД“ ГИ ЗГОЛЕМИ ПРОДАЖБИТЕ ЗА 7% И ОСТВАРИ ИЗВОЗ ОД 108 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ПЕРИОДОТ ЈАНУАРИ-ЈУНИ 2025

    „АЛКАЛОИД“ ГИ ЗГОЛЕМИ ПРОДАЖБИТЕ ЗА 7% И ОСТВАРИ ИЗВОЗ ОД 108 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ПЕРИОДОТ ЈАНУАРИ-ЈУНИ 2025Во периодот јануари-јуни 2025 во „Алкалоид“ се реализирани 21 ново вработување (Фото: СДК.МК)

    „Алкалоид“ оствари раст на консолидираните продажби од 7%, извоз од 108,4 милиони евра и инвестиции од 10 милиони евра во периодот јануари-јуни 2025.

    Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-јуни 2025 продажбите достигнуваат 6.754.023.385 денари, што е за 1% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби достигнуваат 10.113.230.177 денари, што е за 7%.

    Во 2024 остваривме импресивен раст од 15%, што значително ги надмина нашите првични проекции и претставуваше речиси двојно зголемување во однос на планираното за 2024. Во споредба со планираните продажби за првата половина од 2025 реализираните се поголеми за 2%.

    Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 19% во споредба со првите шест месеци од минатата година. Од вкупните консолидирани продажби, 34% се остварени на домашниот пазар, а 66% на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 28%, во земјите од Источна Европа 19%, а во земјите од Западна Европа се остварени 19% од вкупните консолидирани продажби. Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите во Холандија, кои се зголемени 6,6 пати и во Австрија (5,3 пати).

    Во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација – 91%.

    Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари-јуни 2025 изнесуваат 615.183.731 денари.

    Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.614.311.178 денари, бележи зголемување од околу 10%, додека единечната нето добивка изнесува 941.846.091 денари и е зголемена за 7%.

    Консолидираната добивка пред ЕБИТДА достигна 1.699.523.384 денари и бележи раст од 9%, а консолидираната нето-добивка во износ од 855.738.395 денари е зголемена за 4 %.

    Во периодот јануари-јуни 2025 година во „Алкалоид“ се реализирани 21 ново вработување во Македонија. Групацијата „Алкалоид“  брои 3.027 вработени, од кои 2.269 во земјава, а 758 во капитално поврзаните друштва во странство.

    Акциите на „Алкалоид“ котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидни акции. Цената на акцијата во периодот јануари-јуни 2025 се движеше од 24.000,00 до 31.099,00 денари или просечно, 28.140,53 денари за една акција, што претставува раст од 39% во споредба со просечната цена на акцијата во истиот период од 2024.

    Бизнис-планот за 2025 предвидува инвестирање на околу 8% од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 8% на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2024 и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на лани.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира