„Алкалоид“ оствари консолидирани продажби од 153,9 милиони евра и раст на консолидираниот извоз од 10% во периодот јануари-јуни 2024.
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-јуни 2024 продажбите достигнуваат 6.709.614.706 денари, што е за 7% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби достигнуваат 9.475.222.706 денари, што е раст од 12,5%.
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 18%, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 10%. Од вкупните консолидирани продажби 31% се остварени на домашниот пазар, а 69% на странските пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 27% продажби, во земјите од Западна Европа 22%, во земјите од Источна Европа 19 %, а на другите пазари е остварен 1% од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари во споредба со минатата година бележат продажбите во Велика Британија, кои се зголемени за 3,5 пати, па следуваат Јордан, Грузија, Украина, Чиле, Унгарија…
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација – 91%, а сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 9%.
Во 2024, „Алкалоид“ ја комплетираше реализацијата на својот најголем инвестициски потфат во последните две децении – новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми Таблетно одделение 2.0 и придружните технички простории. Новиот техничко-технолошки капацитет зафаќа површина од 6.200 м2 и за него „Алкалоид“ вложи вкупно 19,4 милиони евра.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари-јуни 2024 изнесуваат 679.677.122 денари.
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.446.134.243 денари, бележи зголемување од околу 8%, додека единечната нето-добивка изнесува 882.679.310 денари и е зголемена исто така за 8%. Консолидираната добивка пред ЕБИТДА достигна 1.451.686.694 денари и бележи раст од 4%, додека консолидираната нето-добивка во износ од 825.117.111 денари е зголемена за 7%.
Во периодот јануари-јуни 2024 во „Алкалоид“ се реализирани 161 ново вработување во Македонија. Групацијата брои 2.970 вработени, од кои 2.259 во земјава, а 711 во странство.
Акциите на „Алкалоид“ котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 и важат за едни од најтргуваните и најликвидни акции. Цената на акцијата во периодот јануари-јуни 2024 се движеше од 18.151,00 до 21.100,00 денари или просечно, 20.237,94 денари.
Бизнис-планот за 2024 предвидува инвестирање на околу 10% од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 10% на консолидираните продажби во однос на 2023 и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување.