„АЛКАЛОИД“ ОСТВАРИ РАСТ НА ПРОДАЖБИТЕ ОД 7% И ИЗВОЗ ОД 160 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ПЕРИОДОТ ЈАНУАРИ-СЕПТЕМВРИ 2025

    „АЛКАЛОИД“ ОСТВАРИ РАСТ НА ПРОДАЖБИТЕ ОД 7% И ИЗВОЗ ОД 160 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ПЕРИОДОТ ЈАНУАРИ-СЕПТЕМВРИ 2025Во периодот јануари-септември 2025 во „Алкалоид“ се реализирани 46 нови вработувања во Македонија (Фото: СДК.МК)

    „Алкалоид“ забележа раст на консолидираните продажби од 7%, извоз од 160,4 милиони евра и инвестиции од 15 милиони евра во периодот јануари-септември 2025.

    Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-септември 2025 продажбите достигнуваат 10.180.866.920 денари, што е за 2% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 15.191.149.664 денари и се зголемени за 7%.

    Консолидираните продажби на домашниот пазар се зголемени за 17% во споредба со првите девет месеци од минатата година. Од вкупните консолидирани продажби 35% се остварени на домашниот пазар, а 65% на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 27%, во земјите од Источна Европа 19 %, а во земјите од Западна Европа се остварени 18% од вкупните консолидирани продажби.

    Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Австрија, кои се зголемени за шестпати, потоа во Холандија, за 5,5 пати и Шведска, за четирипати.

    Во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 91%, а сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 9%

    Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари-септември 2025 изнесуваат 929.289.935 денари.

    Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 2.546.860.903 денари, бележи зголемување од околу 8%, додека единечната нето-добивка изнесува 1.531.839.773 денари и е зголемена за 7%. Консолидираната добивка пред ЕБИТДА достигна 2.771.616.825 денари и бележи раст од 11%, додека консолидираната нето-добивка во износ од 1.487.454.694 денари е зголемена за 8%.

    Во периодот јануари-септември 2025 во „Алкалоид“ АД Скопје се реализирани 46 нови вработувања во РС Македонија. Групацијата „Алкалоид“ брои 2.996 вработени, од кои 2.251 во земјава, а 745 во капитално поврзаните друштва во странство.

    Акциите на „Алкалоид“ АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидни акции. Цената на акцијата во периодот јануари-септември 2025 се движеше од 24.000,00 до 31.099,00 денари или просечно 27.334,92 денари за една акција, што претставува раст од 31,7% во споредба со просечната цена на акцијата во истиот период од 2024.

    Бизнис-планот за 2025 предвидува инвестирање на околу 8% од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 8% на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2024 и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на 2024.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира