„АЛКАЛОИД“ ОТВОРИ НОВИ ПРОИЗВОДСТВЕНИ КАПАЦИТЕТИ, ВО КОИ БЕА ВЛОЖЕНИ 11 МИЛИОНИ ЕВРА

    „АЛКАЛОИД“ ОТВОРИ НОВИ ПРОИЗВОДСТВЕНИ КАПАЦИТЕТИ, ВО КОИ БЕА ВЛОЖЕНИ 11 МИЛИОНИ ЕВРАГенералниот директор Живко Мукаетов и директорката на производствениот сегмент на ПЦ Фармација, Милкица Глигорова, ги пуштаат во употреба новите капацитети (Фото: Алкалоид)

    „Алкалоид“ АД Скопје денеска пушти во употреба нови производствени капацитети, изведени во согласност со строгите барања за Добра производствена пракса, во кои беа вложени 11 милиони евра.

    Три и пол милиони евра беа наменети за целосно технолошко подготвување на Одделението за пакување цврсти форми, кое има површина од 2.000 квадратни метри, 5,2 милиони евра беа искористени за техничко-технолошко опремување, а 2,3 милиони евра чинеше изградбата на два нови ката, наменети за производство на цврсти фармацевтски форми и придружен простор за техничко-технолошка опрема. Тие имаат вкупна површина од 5.000 квадратни метри. Целта на оваа инвестиција и на идните вложувања во овој оддел е да се зголемат производствените капацитети на цврсти фармацевтски форми за 50%.

    Оваа инвестиција има за цел е да се зголемат производствените капацитети на цврсти фармацевтски форми за 50% (Фото: Алкалоид)

    Примопредавањето на новите капацитети го спроведоа Милкица Глигорова, директорката на производствениот сегмент на ПЦ Фармација и Живко Мукаетов, генералниот директор и претседател на Управниот одбор на компанијата.

    „Осум месеци по започнувањето на оваа капитална инвестиција, пандемијата го парализираше светот. Работевме во вонредни услови, без да ги попречиме тековните производствени процеси. И покрај сите предизвици, горди сме што на прагот на годината во која го славиме нашиот 85-годишен јубилеј предаваме во употреба уште еден комплетиран инвестициски проект. По истиот курс ќе продолжиме и во иднина, со нови вложувања во истражување, развој, нови технологии, знаење и кадар и со освојување нови пазари. ‘Алкалоид‘ ќе продолжи да се носи рамо до рамо и да биде конкурентна со големите светски фармацевтски системи, како со знаење, така и со капацитети“, изјави Мукаетов.

    Ова е продолжување на континуираните вложувања на „Алкалоид“ АД Скопје, кои во изминатите две децении изнесуваат повеќе од 200 милиони евра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира