Авион кој летал од Амстердам за Детроит морал да се врати на аеродромот „Схипхол“ откако во кабината се појавиле црви. Инцидентот се случил вчера и во прв момент не беше објавено што се случило.
„Ербас А330-300“ на американската авиокомпанија „Делта“ свртел назад по помалку од еден час лет кога бил над Велика Британија на височина од десет километри. Пилотите се решиле на ваков потег откако од торба во која имало расипана риба, а која била сместена во просторот за рачен багаж, почнале да излегуваат црви, при што паѓале врз патници во економската класа.
Откако авионот се вратил, торбата била ставена во кеса со цел да биде запалена. Авионот бил целосно исчистен, по што повторно полетал за неколку часа.
„Не ми е јасно како торба со расипана риба влегла незабележано во авионот. Таа веројатно мирисала и неотворена“, изјави еден патник.