Чекаа со години за да зборуваат, но две од најмоќните жени во Холивуд можеби помогнаа да се запечати судбината на Харви Вајнстин, моќниот ексдиректор на филмското студио „Мирамакс“. Гвинет Палтроу и Анџелина Џоли ги додадоа своите лични сведоштва за непријатните искуства со Вајнстин на растечката листа обвинувања од жените против филмскиот магнат, обвинувајќи го за децении на систематскo сексуално вознемирување и напад. Го обвинуват актерки за кои сте слушнале, актерки што не ги знаете, модели, помошници, вработени, новинарки и млади жени кои се најдоа во орбитата на моќниот директор на „Мирамакс“.
Зборувајќи за „Њујорк тајмс“, во вториот круг сведошта за Вајнстин што ги објавува весникот, Палтроу опишува сега позната сцена кога имала 22 години, кога ја викнале на средба со Вајнстин, кој штотуку ја избрал да го игра главнiот лик во адаптацијата на романот на Џејн Остин „Ема“. Таа била повикана во хотелската соба на Вајнстин, каде што тој почнал да ја пипка и ѝ предложил масажа во спалната соба.
Џоли, исто така, се сеќава дека Вајнстин ѝ се пуштил во хотелска соба, на почетокот на нејзината кариера. Таа никогаш повторно не работела со него.
Сведоштвата на двете ѕвезди дојдоа само неколку часа откако „Њујоркер“ објави своја експлозивна истрага за однесувањето на Вајнстин, со три обвиненија за силување: едно од италијанската актерка и режисерка Азија Арџенто. Имаше сведоштво за вознемирување од Мира Сорвино и Росана Аркет и други. „Њујоркер“ објави и дека 16 поранешни и актуелни директори и соработници на „Вајнстин ко“ и „Мирамакс“ или биле сведоци или знаеле за несаканите сексуални злоупотреби на Вајнстин: „Сите шеснаесет рекоа дека однесувањето е нашироко познато во рамките на ‘Мирамакс’ и “Вајнстин’“.
Тоа е листа која вчера продолжи да расте, како што излегоа сведоштвата. По двојниот удар на „Тајмс” и „Њујоркер” во вторникот, следеа и повеќе обвинувања. Едно од поранешната актерка која имала состанок со Вајнстин кој бил гол во бањарка на филмскиот фестивал Санденс во 2008, а другото од актерката Хедер Греам, која вели дека тој имплицирал оти таа треба да спие со него за улога.
Претставник за могулот жестоко ги отфрли тврдењата за секс без согласност во изјавата за магазинот.
„Не можам да се сетам на скандал од филмскиот бизнис од ваков степен. Во ова е втурнат и вмешан секој агол на индустријата “, рече писателот Марк Харис.
Индустријата за забава, во која Вајнстин владееше толку долго, се буди по откритијата од Палтроу, Џоли и други.
„Ова се луѓе кои сите ги знаат и сите ги почитуваат“, рече Ана Томпсон, уредник на „Индивајар“.
Палтроу можеби била на почетокот на кариерата кога го запознала Вајнстин во таа хотелска соба, но таа воопшто не била непозната во холивудските кругови.
„Гвинет Палтроу е дете на Холивуд“, рече Томпсон. „Стивен Спилберг е нејзин кум. Таа е некој кој сите моќни луѓе во Холивуд го знаат многу добро како семеен пријател “.
Вчерашните сведоштва може да значат смртоносен крај за ерата Харви Вајнстин.
По минатонеделниот иницијален текст во „Тајмс“, со сведоштва на Ешли Џад и за вонсудските спогодби за сексуално малтретирање платени на актерки како Роуз Мекгован, Холивуд и Вашингтон го осудија могулот. Сега претседателот Барак Обама, Хилари Клинтон, Џорџ Клуни, Мерил Стрип, Мет Дејмон, Бен Афлек, Леонардо ди Каприо, Џенифер Лоренс, Боб Игер, Џефри Каценберг, Џад Апатоу, Џуди Денч, Глен Клоуз и други излегоа со изјави против него и во поддршка на жените кои прозбореа јавно.
Дури и сопругата на Вајнстин со која е 10 години, дизајнерката на „Маркеза“ Џорџина Чапман, вчера рече дека планира да се разведе од него. Компанијата што тој ја кооснова не само што го отпушти, туку и неговиот одбор на директори, во кој е и брат му Боб Вајнстин, изјави дека „наводните дејства на Вајнстин се спротивни на човековата пристојност“ и дека тие немале сознание за ова однесување. Школата за кинематографски уметности на Универзитетот во Јужна Калифорнија ја отфрли донацијата од 5 милиони долари од Вајнстин наменета за жени уметници.