Во текот на март и април, Заводот за заштита на спомениците и музеј во Штип интензивно ги врши главните археолошки истражувања и дефинирање на наодите од археолошкиот локалитет Тополничка река и Бојковци, долж трасата на новопроектираната лента за руда на рудникот Бучим каде што треба да се отвори новото рудно наоѓалиште Боров Дол.
Музејот од Штип и рудникот Бучим склучиле договор за археолошки истражувања на локалитетот Боров Дол. Рудникот ќе ги помогне истражувањата со 60.000 евра. Покрај археолози од НУ Музеј Штип, обемните истражувања ги вршат и стручни кадри од Археолошкиот музеј на Македонија, НУ Завод и Музеј од Струмица и Британската фондација „Кирил Трајковски“.
„Во регионот на Боров Дол, богат со природни ресурси или поточно во долината на Тополничка река и месностите Канли Чаир и Бојковци, досегашните археолошки истражувања покажаа дека животот овде се развивал уште во текот на каменото време, односно неолитот пред околу 8.000 години. Истражувањата во наредните денови поконцизно ќе го определат карактерот на праисториската населба која пред 3000 години егзистирала на наоѓалиштето Тополничка Река“ вели директорот на Заводот за заштита на спомениците и Музеј во Штип, Митко Штерјов.
Според него, од праисториската железнодопска населба биле утврдени и објекти за живеење, работилници и одредени структури поврзани со преработка на рудата. Од движниот археолошки материјал, биле забележани фрагменти на керамички садови од железното време, меѓу другото, и на подвижни печки-саѓаци (пиранои). Се работи за керамика која ги одразува секојдневните потреби на жителите од праисториската населба.
Комбинираната истражувачка екипа смета дека во одредени локации се појавиле темели од ѕидови на објекти од доцноантичкиот период. Имало наоди на садови и монети, претежно од 4. век. Сепак, исклучителни се наодите на праисториската населба од железното време. Жителите најверојатно се занимавале со преработка на метална руда: нејзино ископување, транспортирање до наоѓалиштето, жарење во печки, а потоа топена во посебни печки за производство на полупроизводи.
Брзи конечни археолошки резултати очекува и Рудникот Бучим кој планира наскоро да ги продолжи своите истражувања на рудните наоѓалишта во реонот на Боров Дол и отворање на истоимениот рудник. Токму над или покрај трите археолошките локалитети треба да минува транспортната лента долга околу седум километри. Рудните резерви се проценуваат на 40 милини тони и нивна експлоатација и преработка најмалку до 2030 година.
Т. ЈОВАНОВСКИ