БАКОВСКА, ДАНАИЛОВА, МАКСИМОВА И СИБИНОВСКИ ПОБЕДИЈА НА КОНКУРСОТ ЗА НАЈДОБРИ СОВРЕМЕНИ БАЈКИ НА „БРАВО СИНЕ!“

    БАКОВСКА, ДАНАИЛОВА, МАКСИМОВА И СИБИНОВСКИ ПОБЕДИЈА НА КОНКУРСОТ ЗА НАЈДОБРИ СОВРЕМЕНИ БАЈКИ НА „БРАВО СИНЕ!“„Сега е време да создадеме нова историја, бајки на оваа генерација“, вели Ангелка Пеева-Лауренчиќ, член на УО на Движењето „Браво Сине!“. (Фото: СДК.МК)

    Бајките „Перуника“ од Дејан Сибиновски, „Бакнежот на пролетта“ од Елизабета Баковска, „Сончевото момче Ил“ од Катерина Данаилова и „Осаменото дрво“ од Нина Максимова победија на конкурсот „Современи бајки од Македонија“, што го реализираа Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“.

    Четирите бајки се избрани за најдобри од 442 пристигнати дела од 316 автори од земјава. Наградените бајки ќе бидат издадени како илустрирани сликовници, а илустраторите ќе бидат избрани на посебен конкурс што ќе биде распишан во јануари. Секој од авторите на избраните бајки ќе добие награда од по 25.000 денари.

    Сите пристигнати авторски дела на конкурсот биле нумерирани и анонимно оценувани од независна комисија, а финалниот избор го направило стручното жири составено од писателката Оливера Николова и професорката Нина Атанасова-Шкрињариќ.

    „Кога ни беше дадена довербата да читаме и да оценуваме бајки од конкурсот, не ни претпоставувавме дека, всушност, ни се дава ретка шанса одново да обновиме некои подзаборавени чувства од сопственото детство. А ниту малку не беше лесна задачата да се изберат најдобрите“, вели Николова, авторката на најпопуларната книга за деца „Зоки Поки“.

    Новото издание „Современи бајки од Македонија“ следува по големиот успех на претходните изданија„Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“, кои исто така беа заеднички проект на Движењето закреативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“.

    „Почнавме со идејата македонското национално творештво да го доближиме до новите генерации, во модерна форма и израз, да направиме наш бренд, наши јунаци, да се читаат наши бајки. Издадовме 54 ’Бајки од Македонија‘, дел од нив се преведени на седум јазици, Брајово писмо, наградувани во светот идома, но најважно е дека се едни од најпродаваните книги за деца кај нас. Ја исполнивме првичната цел – македонското национално творештво да добие свое место кај новите генерации, преку креативен пристап. Сега е време да создадеме нова историја, бајки на оваа генерација, современи бајки од Македонија“, вели Ангелка Пеева-Лауренчиќ, членка на Управниот одбор на Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“. Движењето „Браво сине!“ го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг-индустрија Иво Лауренчиќ, кој во текот на целиот свој работен век им даваше огромна поддршка на младите и ги поттикнуваше да го изразат својот креативен потенцијал.

    Од „Арс Ламина“ најавуваат дека останатите пристигнати авторски дела што имаат литературна вредност и квалитет ќе поминат уште едно ниво на селекција и ќе им биде понудено објавување во рамките на посебни изданија и едиции.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира