Во скопската Зоолошка градина в недела ќе биде отворен дел за младенчиња и питоми животни. Посетителите ќе можат да галат и да се запознаат со штотуку родени срни, зајаци, морски прасиња, белоносести мечиња и разни видови птици. Овој дел од градината ќе биде посебно ограден и влезот ќе чини 20 денари.
„Во моментов се поставуваат огради, се бетонираат фонтаните и се градат куќарките за животните. Децата во присуство на Зоо негуватели ќе можат да имаат контакт од близу со малите и питоми животни и ќе учат за нивните карактеристики и одгледување“, вели директорот на Зоолошката градина Ѓорѓи Галетановски.
Новото катче во Зоолошка ќе биде отворено во недела, на одбележувањето на 93 роденден на градината. Роденденската забава е со почеток од 17 часот, а ќе настапат децата од „Златно Славејче“, детската театарска претстава на Неверленд- Волшебникот од ОЗ, а посетителите ќе може да се сликаат со Дизни маскотите.
А. АНТЕВСКА