БИ ОСТАНАЛ ДА ЖИВЕАМ ТУКА АКО СТАНДАРДОТ Е КАКО ВО ГЕРМАНИЈА, ВЕЛИ СЕБАСТИЈАН ОХ, ИНЖЕНЕР НА ПРАКСА ВО РЕК БИТОЛА

    БИ ОСТАНАЛ ДА ЖИВЕАМ ТУКА АКО СТАНДАРДОТ Е КАКО ВО ГЕРМАНИЈА, ВЕЛИ СЕБАСТИЈАН ОХ, ИНЖЕНЕР НА ПРАКСА ВО РЕК БИТОЛАСебастијан одбрал да дојде на пракса во Македонија зашто за него била непозната земја, а слушнал дека има голема термоцентрала како РЕК. (Фото: СДК.МК)

    Одлучил стручната пракса како дипломиран електроинженер да ја мине во РЕК „Битола“, иако имал шанса да избере престој во други европски земји. Германецот Себастијан Ох од Нинберг, дипломец на Универзитетот во Бајројт, северна Баварија, веќе неколку недели професијата ја усовршува во Рударско-енергетскиот комбинат во Битола. Одбрал да дојде на пракса во Македонија зашто за него била непозната земја, а слушнал дека има голема термоцентрала како РЕК.

    „Никогаш досега не сум бил во термоелектрана од ваков калибар, со толкава големина, за мене е фасцинантно тоа што на едно место се наоѓа и производството и рудникот, тоа што имаа сопствен рудник за кој не треба да има долги и големи транспортни ленти“, вели Ох.

    Заедно со Билјана Шопова Алушовска, одговорен инженер во анализа на процес и дијагностика, Себастијан врши мерења на вибрациите на сите ротирачки машини во термоелектраната, мерења на процесни параметри на турбина, генератор, хотел, садови под притисок. (Фото: СДК.МК)

    Во усовршувањето му помага Билјана Шопова Алушовска, одговорен инженер во анализа на процес и дијагностика во Сектор производство и термоелектрана во РЕК „Битола“. Веќе месец и половина работат заедно. Вршат мерења на вибрациите на сите ротирачки машини во термоелектраната, мерења на процесни параметри на турбина, генератор, хотел, садови под притисок. Потоа прават дијагностика на работата на машините и кога е потребен ремонт.

    Запрашан дали би останал да работи во РЕК, Себастијан ни одговори: „Земјата е многу убава, луѓето се љубезни, околината е пријатна за живот, тука, би дошол да живеам и работам доколку стандардот биде на нивото на Германија“.

    Приемот на странски студенти за вршење производна работа и пракса во ЕЛЕМ се врши врз основа на договорот со ИАЕСТЕ од Македонија. Во РЕК на стручна пракса доаѓале студенти дури од Јапонија и Судан.

    „Во РЕК секое лето имаме по некој студент од странство и си одат со нови искуства и познавање на работата и државата, културата. Добиваме идни соработници, ја зголемуваме можност за стручна соработка со компаниите и универзитетите од странство. Со секој студент од странство што го примаме тука, му овозможуваме на наш студент посета во компанија во странство. Пред минатата година во РЕК имаше 3 студенти од Полска и Чешка, а пред тоа имавме студент од Јапонија. Годинава уште три студенти има во други капацитети на ЕЛЕМ. Во ХЕЦ ‘Козјак’ има студент од Судан“, рече Шопова Алушевска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира