БОРДИНГ ПАСОВИТЕ И ЧЕКИРАЊЕТО НАСКОРО БИ МОЖЕЛЕ ДА БИДАТ ЗАМЕНЕТИ СО СКЕНИРАЊЕ НА ЛИЦЕТО НА АЕРОДРОМИТЕ, АКО СЕ ПРИФАТИ ПЛАНОТ НА АГЕНЦИЈА НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ

    БОРДИНГ ПАСОВИТЕ И ЧЕКИРАЊЕТО НАСКОРО БИ МОЖЕЛЕ ДА БИДАТ ЗАМЕНЕТИ СО СКЕНИРАЊЕ НА ЛИЦЕТО НА АЕРОДРОМИТЕ, АКО СЕ ПРИФАТИ ПЛАНОТ НА АГЕНЦИЈА НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИЗа успешно спроведување на плановите ќе бидат потребни инфраструктурни надградби на аеродромите, вклучувајќи технологија за препознавање лица и можност за читање пасош од мобилен уред. - Редица на Скопскиот аеродром (Фото: СДК.МК)

    Деновите на барање на бординг пасот или нервозното чекирање за лет на пат кон аеродромот може наскоро да станат минато, според плановите за темелна промена на начинот на патување.

    Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИЦАО), тело на Обединетите нации одговорно за креирање политики во авиосообраќајот, планира драматично да ги промени постоечките правила за аеродромите и авиокомпаниите преку воведување на „дигитална патна потврда“ (digital travel credential). Ова ќе им овозможи на патниците да ги складираат информациите од пасошот на нивните уреди и да ги користат за патување. Според „Тајмс“, овие промени би можеле да стапат на сила во рок од три години.

    Моментално, патниците мора да се чекираат, онлајн или на аеродром, по што добиваат бординг пас со баркод. Овој пас се скенира на повеќе точки низ аеродромот, вклучително и пред влегување во авионот.

    Со предложените измени, бординг пасовите и потребата за чекирање би станале застарени. Наместо тоа, патниците ќе преземаат „патна пропусница“ (journey pass) на својот телефон при резервација на летот. Пропусницата автоматски ќе се ажурира доколку има промени во резервацијата.

    Патниците исто така ќе можат да ги внесат своите пасоши во телефонот и да патуваат низ аеродромите користејќи го лицето за верификација. Наместо рачно чекирање, со кое авиокомпаниите дознаваат кој планира да се качи на летот, тие ќе бидат известени кога патникот ќе пристигне на аеродромот и неговото лице ќе биде скенирано.

    Валери Виал, директорка за управување со производи во „Амадеус“, компанија за патничка технологија, изјави за „Тајмс“ дека овие промени се „најголемите во последните 50 години“. Таа додаде: „Последната надградба од голем обем беше усвојувањето на е-билетите во раните 2000-ти. Индустријата сега одлучи дека е време да се надгради на модерни системи кои се повеќе слични на оние што би ги користел Амазон.“

    За успешно спроведување на плановите ќе бидат потребни инфраструктурни надградби на аеродромите, вклучувајќи технологија за препознавање лица и можност за читање пасош од мобилен уред.

    „Многу системи на авиокомпаниите не се променети повеќе од 50 години бидејќи сè мора да биде конзистентно низ индустријата и интероперабилно“, рече Виал.

    Новата технологија може да предизвика загриженост за приватноста, но од „Амадеус“ изјавија дека развиле систем каде деталите на патниците се бришат во рок од 15 секунди по секој контакт со „точка на допир“ – како што се портите пред безбедносната проверка.

    Начинот на справување со доцнењата и поврзувачките летови исто така би можел да се промени. Со технологијата што се развива, патниците кои ќе ги пропуштат поврзувачките летови поради доцнења надвор од нивна контрола, би можеле автоматски да добијат известување на телефонот со детали за нивниот нов лет. Нивната патна пропусница автоматски ќе се ажурира и ќе им биде дозволено да се качат на новиот лет.

    „Во моментов, авиокомпаниите имаат системи кои се многу изолирани“, рече Виал. „Постои систем за резервации кој, кога ќе се отвори чекирањето, прави ‘ракување’ со системот за испорака и вели ‘еве ги моите резервации, сега можеш да ги испорачаш’. Во иднина, тоа ќе биде многу поконтинуирано и патната пропусница ќе биде динамична.“

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира