„БОЖЈИОТ ИНФЛУЕНСЕР“ КАРЛО АКУТИС СТАНА ПРВИОТ МИЛЕНИУМЕЦ ПРОГЛАСЕН ЗА СВЕТЕЦ

    „БОЖЈИОТ ИНФЛУЕНСЕР“ КАРЛО АКУТИС СТАНА ПРВИОТ МИЛЕНИУМЕЦ ПРОГЛАСЕН ЗА СВЕТЕЦАкутис, кој починал на 15 години, создал интернет-страници каде што биле документирани чуда (Фото: ЕПА)

    Италијанскиот тинејџер Карло Акутис денеска стана првиот милениумец прогласен за светец, што се случи на церемонија во Ватикан што ја водеше папата Лав. Во својот краток живот, Акутис создал сајтови за документирање чуда како начин на ширење на католичкото учење, поради што го добил прекарот Божји инфлуенсер.

    Неговата канонизација требаше да се случи во април, но беше одложена поради смртта на папата Фрањо. Се проценува дека повеќе од милион луѓе го посетиле италијанскиот ридски град Асиси, каде што лежи телото на Акутис зачувано во восок.

    Акутис е роден во Лондон, но кога имал шест месеци неговото семејство се преселило во Италија и тој го поминал остатокот од својот живот во Милано. Бил голем вљубеник во технологија и видеоигри и иако не важел за посебно посветен верник, создал интернет-страници каде што биле документирани чуда. Тој имал само 15 години кога починал од леукемија во 2006.

    По смртта на Карло, мајка му Антонија Салцано посетувала цркви низ светот, залагајќи се за неговото прогласување за светец. Како дел од процесот морало да се докаже дека Карло извел чуда.

    Првото чудо се случи на денот на погребот. Жена со рак на дојка се молеше за Карло додека се спремаше да започне со хемотерапија и ракот целосно исчезна“, кажа Салцано.

    Папата Фрањо му припиша две чуда и со тоа го помина тестот за канонизација.

    Прогласувањето за светец може да трае со децении, па дури и со векови, но постои чувство дека Ватикан ја забрзал канонизацијата на Акутис за да се поттикне и инспирира верата кај младите луѓе.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира