Малиот азиски султанат Брунеј го воведе новиот строг исламски закон кој предвидува казнување на хомосексуалци со каменување до смрт, потег што предизвика широка меѓународна осуда. Законот денеска стапи на сила, а меѓу другите нови мерки е и што грабеж ќе се казнува со ампутација на рака или стапало.
Ова уследи откако моќниот султан Хасанал Болкија повика на „построго почитување и применување на исламски учења“.
Малата геј заедница во Брунеј изрази шок и страв од, како што ги нарече, „средновековните казни“, а Обединети нации ги опишаа законите како „сурови и нечовечни“.
Контроверзниот закон беше донесен уште во 2013 година, но владата тогаш кажа дека ќе бидат потребни неколку години пред да почне да се применува.
Со новите мерки, смртна казна е предвидена и за силување, содомија, педофилија, грабеж и за навреда на пророкот Мухамед. Лезбиски секс, пак, ќе се казнува со 40 удари со стап или со десет години затвор, а јавни камшикувања ќе има и за абортус. Законите првенствено ќе се однесуваат на муслиманите.