ДА НЕ БЕШЕ ТЕТОО, СКОПЈЕ ПОМРАЧИНА ЌЕ ГО ИЗЕДЕШЕ, ВЕЛЕЛЕ ТЕТОВЦИ КОГА ЈА ИЗГРАДИЛЕ ПРВАТА ХИДРОЦЕНТРАЛА ВО МАКЕДОНИЈА

    ДА НЕ БЕШЕ ТЕТОО, СКОПЈЕ ПОМРАЧИНА ЌЕ ГО ИЗЕДЕШЕ, ВЕЛЕЛЕ ТЕТОВЦИ КОГА ЈА ИЗГРАДИЛЕ ПРВАТА ХИДРОЦЕНТРАЛА ВО МАКЕДОНИЈАИзградбата на хидроцентралата започнала во 1925 и завршила една година подоцна, а на отворањето дошол и кралот Александар (Фото: СДК.МК)

    Во почетокот на 20. век, Тетово од мала турска касаба почнува да прераснува во трговски, занаетчиски и административен центар за поширокиот дел од северозападна Македонија. Пораснал бројот на населението, нараснала и чаршијата, која тогаш броела околу 500 дуќани, а во градот почнал да се формира еден слој на поимотно население, кое настојувало градот побрзо да се развива.

    Но, главната пречка за побрзиот развој на стопанството и индустријата била таа што во градот немало електрична енергија. Природните услови постоеле, тука била реката Пена богата со вода, која ги исполнувала условите на неа да се изгради хидроцентрала. Ваков објект до тогаш немало во Македонија, па ни во поширокиот реон. Некаде во 1911/12 година, од страна на неколку поимотни луѓе во Тетово потекнала идеја да се изгради хидроцентрала на Пена.

    Идејата за изградба на хидроцентралата била реализирана со основањето на Тетовско индустриско акционерско друштво (Фото: СДК.МК)

    „Идејата за изградба на хидроцентрала се претворила во иницијатива во 1913, кога вардарскиот дел на Македонија се нашол во состав на Кралството Србија. Тогаш е основано акционерско друштво со почетен капитал од тогашни 100.000 динари. Акционерите се обратиле до министерот за народно стопанство во Белград и побарале одобрување и упатство за што побрзо да се започне со изградба на хидроцентралата. За жал, оваа иницијатива била прекината поради балканската криза и Првата светска војна“, кажува д-р Бранислав Светозаревиќ, автор на научните трудови „Македонците во Тетово од ала турка до фла франга“ и „Електродистрибуција Тетово, 90 години од идејата, 75 години развој на ЕМС, подружница Тетово“.

    Но, тетовци не ја заборавиле идејата. По завршувањето на Првата светска војна и откако состојбата во градот се подобрила, во 1921 било формирано „Тетовско индустриско акционерско друштво“ (ТИАД). Светозаревиќ пронашол еден документ на ТИАД, со кој се барала финансиска помош од Градското поглаварство во Тетово. Таму се зборува за тоа како се родила идејата да се изгради хидроцентрала, но и колку голема била визијата на тетовците од тоа време.

    (Фото: СДК.МК)

    „При крај на февруари 1921 се одржа собир на граѓани во хотелот ‘Београд‘, каде едногласно било побарано во Тетово да се отвори едно акционерско друштво, кое ќе го искористи падот на реката Пена за да се добие електрична струја, која ќе се употреби за осветлување на градот и домовите, но и ќе ја крене локалната индустрија. ‘Вложувајќи ги сите свои напори во оваа работа, успеавме 95% од капиталот да го откупи само Тетово и само 5% надвор од Тетово. Денеска е запишан и уплатен чист капитал од 1.000.000 динари‘, велеле тогашните амбициозни тетовски стопанственици. Тие предвидувале хидроцентралата да има капацитет од 3.000 коњски сили, и тоа во периоди на најмалиот водотек на Пена. ‘Со оваа жива и непрекината сила од преку 3.000 коњи, ние ќе можеме не само да ги осветлиме градот и сите домови, за што ни се потребни 400-500 коњски сили, туку ќе можеме да ја употребиме и за фабрики, валавници, мелници, ситна домашна индустрија, електрична железница и за друго. Ние во непрекината работа ќе може да добиеме не 3.000, туку 9.000 впрегнати коњи, ако се земе предвид дека еден коњ не може да работи повеќе од осум часа дневно. Овие 9.000 коњи никој нема да ги храни, освен нашата река Пена‘“, се велело во барањето на тетовските акционери.

    По направените подготовки и по обезбедувањето на дополнителни финансии преку продажба на акции, изградбата на хидроцентралата започнала некаде во 1925 година, а завршила една година подоцна.

    „Кога била изградена, таа имала инсталирана моќ од 2.400 коњски сили. Напоредно со хидроцентралата, во 1926 година била изградена и првата дистрибутивна мрежа во Тетово. ТИАД изградил и далновод од 3.000 вати со должина од 46 км. Отворањето на хидроцентралата во ноември 1926 бил голем настан во тогашна Југославија, за што потврдува и присуството на кралот Александар, кој свечено ја пуштил во употреба. Покрај Тетово, оваа хидроцентрала обезбедувала струја и за Скопје, индустриски и воени капацитети во околината, како и за рудникот Радуша. Скопје оттука ќе се снабдува со електрична енергија до 1938, кога е пуштена во употреба хидроцентралата ‘Матка‘. Затоа тетовци, горди на својот потфат, на шега велеле ‘Ако не беше Тетоо, Скопје помрачина ќе го изедеше‘“, раскажува Светозаревиќ.

    Централата битно придонесла во развојот на индустријата во северниот дел на Македонија. За време на Втората светска војна, италијанските и албанските окупаторски власти стопанисувале со хидроцентралата. Сепак, како стратешки индустриски објект, со неа управувале германските сили. Историчарот Божидар Васовски вели дека постоел записник од некој состанок што го водел Хитлер во главниот штаб на Вермахтот, кога рекол: „Хидроцентралата во Тетово ќе биде под германска управа“.

    Таа во повеќе наврати била цел на бомбардирање на сојузничките сили во 1943 и 1944 година, но не била директно погодена, а имало планови да се направи диверзија од страна на сојузничките сили и партизанските одреди.

    По ослободувањето во ноември 1944 година, хидроцентралата премина во државна сопственост и беше раководена од тогашното Федерално електротехничко претпријатие на Македонија. Во 1979 година, за време на големата поплава во Тетово, надојдената Пена направи големи штети на објектите. По пет години обнова, хидроцентралата повторно е пуштена во работа во 1984 година и натаму е во функција како составен дел на ЕВН.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира