Коска од слонова нога пронајдена од археолози во јужна Шпанија би можела да биде доказ дека воени слонови газеле низ античка Европа. Според научниците, тоа би бил првиот конкретен доказ за трупата борбени слонови на легендарниот картагински генерал Ханибал.
Цртежите од војната на Ханибал против Римјаните долго време сугерираа дека овие животни биле користени во борби, но нема цврсти докази што ги поткрепуваат теориите. Нивни остатоци се пронајдени во ископ од железното време во близина на Кордоба.
„Освен слонова коска, откривањето на остатоци од слонови на европски археолошки локалитети е исклучително ретко“, вели тимот научници во труд објавен во „Журналот на археолошката наука“.
Сметан за еден од најуспешните команданти од класичното време, Ханибал ја повел својата војска од моќниот царски град Картагина (денешен Тунис) во Европа, додека се борел за контрола на Медитеранот. Се верува дека неговата војска од војници и животни одела преку Шпанија и Франција за да ја нападне Италија, преминувајќи ги Алпите со 37 слонови во 218 година пред нашата ера.
Се претпоставува дека остатоците пронајдени во Шпанија се од животно кое угинало пред да стигне до Алпите. Научниците користеле техники на датирање со јаглерод за да ја проценат староста на коската. Резултатот ги навел да веруваат дека е од времето на Втората пунска војна. Тие, исто така, ја споредиле коската со современите слонови и степските мамути за да утврдат од кое животно потекнува.
Научниците велат дека ќе биде многу тешко да се утврди за кој вид слон станува збор.



