ДРЖАВНАТА ЗДРАВСТВЕНА СЛУЖБА НА АНГЛИЈА СОЗДАДЕ РЕЖИМ НА ИСХРАНА СО КОЈ ТРАЈНО СЕ ИЗЛЕЧИЛЕ ПАЦИЕНТИ СО ДИЈАБЕТЕС ТИП 2

    ДРЖАВНАТА ЗДРАВСТВЕНА СЛУЖБА НА АНГЛИЈА СОЗДАДЕ РЕЖИМ НА ИСХРАНА СО КОЈ ТРАЈНО СЕ ИЗЛЕЧИЛЕ ПАЦИЕНТИ СО ДИЈАБЕТЕС ТИП 2Едногодишната Програма им помага на пациентите да го започнат процесот на слабеење со нискокалорична диета, или поточно замена на оброци во првите 12 недели. (Фото: Алами)

    Државната здравствена служба (НХС) на Англија создаде револуционерен режим на исхрана со кој речиси секое трето лице со дијабетес тип 2 успеало трајно да ја излечи болеста. На пациентите три месеци им се даваат нискокалорични производи за замена на оброците, како што се супи, милкшејкови и снек-барови  што предизвикува брзо губење на тежината, пред да добијат дозвола за повторно воведување на нормална храна во нивната исхрана.

    Во моментов, 10.000 луѓе годишно можат да пристапат до овој режим на исхрана, но „одличните резултати кои овозможуваат придобивнки што го менуваат животот“ меѓу учесниците ги поттикнаа здравствените власти да размислат за проширување на програмата.

    Според студијата објавена во списанието „Лансет дијабетес и ендокринологија“, некои од пациентите кои се на овој режим изгубиле по 17,4 килограми. Речиси една третина го ставиле својот дијабетес тип 2 во ремисија.

    Едногодишната програма им помага на пациентите да го започнат процесот на слабеење со нискокалорична исхрана, или поточно замена на оброци во првите 12 недели. Потоа, учесниците се охрабруваат повторно да воведат здрава храна и да добијат приспособена поддршка за да го одржат губењето на тежината.

    Според Службата, оваа програма за ремисија за дијабетес тип 2 може да им користи на уште илјадници луѓе со оваа болест.

    Студијата испитувала податоци за 1.740 луѓе кои започнале со овој режим на исхрана пред јануари 2022. Од нив, 945 завршиле цела година од програмата и на двапати дале примероци од крв. Триесет и два отсто од оваа група ја ставиле болеста во ремисија – дефинирана со просечните нивоа на гликоза во крвта во одреден временски период – со просечно губење на тежината од 15,9 килограми. Некои постигнаа губење на тежината до 17,4 килограми.

    Д-р Клер Хемблинг, национална координаторка за дијабетес и дебелина во Службата, рече дека програмата за дијабетес тип 2 има „огромно влијание“ врз животите на учесниците.

    „Воодушевувачки е е што овие наоди покажуваат дека голем број од оние кои ја завршиле Програмата имаат придобивки што го менуваат животот, вклучувајќи големо губење на тежината и ремисија на дијабетес тип 2.
    Знаеме дека дебелината е една од најголемите закани за здравјето во Велика Британија и ќе биде еден од најголемите и најскапите предизвици за здравствените системи на глобално ниво, така што гледањето на таквите охрабрувачки резултати од нашата програма покажува дека дебелината може да се справи директно, и со нетрпение очекуваме да го зголемиме обемот на оваа Програма во догледно време“, изјави таа.

    Повеќе од 25.000 луѓе учествуваа во Програмата откако беше воведена во 2020. Во мај оваа година, Службата изјави дека режимот на исхрана ќе биде понуден низ Англија на 50.000 луѓе во текот на пет години, со што ќе се удвои капацитетот на програмата. Вложени се 13 милиони фунти во шемата оваа година за да се обезбеди да ја користат што повеќе луѓе.

    Возрасни лица од 18 до 65 години можат да се запишат ако им е дијагностициран дијабетес тип 2 во последните шест години и ако имаат индекс на телесна маса над 27 ако се белци, или над 25 ако се од црно, азиско или друго потекло.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира