Финската премиерка Сана Марин се омажи за својот долгогодишен партнер Маркус Раиконен. Венчавката се одржа во официјалната резиденција на Марин во Хелсинки, а присуствуваа само 40-ина гости, главно роднини и најблиски пријатели.
„Среќна сум и благодарна што можам да го делам животот со човекот кој го сакам. Заедно видовме и искусивме доволно, делевме радосни и тажни моменти и се поддржувавме и во добро и во лошо. Заедно ја поминавме младоста и заедно созревавме“, напиша Марин на Инстаграм.
Марин, која израснала во истополово семејство и Раиконен се заедно веќе 16 години, откако се запознале кога и двајцата биле 18-годишници. Во јануари 2018 година ја добија ќерката Ема.
Социјалдемократката Сана Марин дојде на премиерската функција во декември минатата година, кога со 34 години стана најмлад лидер на светот. Во меѓувреме, овој статус го презеде австрискиот канцелар Себастијан Курц.