Формирана е фондација која го носи името на холивудскиот актер Метју Пери за да им се помогне на лицата кои се борат со зависности. Пери, кој беше најпознат по улогата на Чендлер Бинг во хит-серијата „Пријатели“, почина минатиот викенд на 54 години.
Тој се бореше со зависноста од алкохол, дрога и лекови во поголемиот дел од животот.
Во соопштението на Фондацијата „Метју Пери“ се вели дека е формирана со цел „да биде реализирана посветеноста на Метју да им помага на другите кои се борат со болеста на зависноста“.
На веб-страницата на фондацијата е објавен и еден од цитатите на Пери, кој се шири на социјалните мрежи по неговата смрт.
„Кога ќе умрам, не сакам ‘Пријатели’ да бидат првото нешто што се спомнува. Сакам тоа што им помагам на другите да биде првото нешто. И ќе го живеам остатокот од мојот живот докажувајќи го тоа“, изјави Пери лани.
Медиумите објавија фотографии од погребот на Пери во Лос Анџелес, на кој биле и неговите колеги од „Пријатели“, Дејвид Швимер, Џенифер Анистон, Кортни Кокс, Мет Лебланк и Лиза Кудроу.