ГЕРМАНСКИ ВОЈНИК ОД ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА ГО КОРИСТЕЛ МАКЕДОНСКИОТ НАРОДЕН ВЕЗ ЗА ДА ПРАЌА ШИФРИРАНИ ПОРАКИ

    ГЕРМАНСКИ ВОЈНИК ОД ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА ГО КОРИСТЕЛ МАКЕДОНСКИОТ НАРОДЕН ВЕЗ ЗА ДА ПРАЌА ШИФРИРАНИ ПОРАКИМакс Ромер почнал да кодира во Морзеова азбука букви и пораки скриени во цртежи од македонскиот народен вез и османлиската калиграфија. На овој начин, праќал пораки за позициите на германските трупи, или можеби праќал искрени писма дома на семејството без да бидат редактирани од воената цензура. (Фото: СДК.МК)

    Влатко Милошевски повеќе од 25 години работи како професионалец во областа на електрониката и компјутерските науки во Ајндховен, Холандија. Во слободното време, тој е пасиониран трагач и колекционер на ликовни уметнички дела по аукциски куќи, саеми за антики и онлајн уметнички галерии и музејски продажби. Неговата колекција е многу уникатна, таа се состои од уметнички дела од странски автори кои престојувале на територијата на Македонија во периодот од 1850 до 1950 година и тука создале свои дела поврзани со луѓето кои живеат тука, со овдешни мотиви и предели. Импозантно е што таа збирка веќе ја достигна бројката од над 200 уметнички дела.

    „Започнав со колекционерство на уметнички дела поврзани со македонскиот регион во 2004, со откривањето на мала колекција на македонски маслени минијатури од Никола Петковиќ, на една малку позната онлајн подрумска распродажба во САД. Возбудата и сознанието дека постои бесценето ликовно богатство распрснато низ светот, како и сосема нова област во македонската историја на уметност која чека да биде напишана, резултираше во 15-годишно градење и документирање на обемна колекција со повеќе од 200 оригинални уметнички дела, ретки печатени материјали, репродукции и уметнички книги, кои ја покриваат работата на странските сликари во Македонија во периодот помеѓу 1850-1950 година. Станува збор за уметнички дела во маслена техника, акварел, цртеж или илустрација со молив, графит, мастило, туш, гваш или пастел, уметничка фотографија, графика од типот на гравура, бакрорез, дрворез, гравура врз линолеум, сува игла, литографија, скулптура, итн. странските сликари, илустратори, графичари, скулптори и уметнички фотографи, дела на странски автори кои ја посетиле Македонија и создале уметничко дело инспирирано од земјата, културата, традицијата, природата или историските настани во Македонија и македонските етникуми во периодот помеѓу 1850 и 1950 година. Кога велам Македонија тука мислам на територијата на денешна Северна Македонија, територијата на Егејска Македонија и Пиринска Македонија, регионите Мала Преспа, Голо Брдо, Пустец и Поградец (денес во Албанија), на Охридското и Преспанското Езеро“, вели Милошевски.

    Целата колекција од уметнички дела и сите оние податоци кои успеал да ги најде за уметниците, Милошевски ги објавува во електронски Лексикон. (Фото: СДК.МК)

    Целата колекција од уметнички дела и сите оние податоци кои успеал да ги најде за уметниците, Милошевски ги објавува во „Лексиконот на странски сликари во Македонија во периодот помеѓу 19850 и 1950 година“  Во Лексиконот, кој засега е само во електронска верзија, набројани се над 250 автори, со биографски податоци за нив и фотографии од нивните „македонски“ дела“, продолжува Милошевски. Во Лексиконот е  тој детално и истражува и опишува каде настанало делото односно кој дел од Македонија претставува и како авторот се нашол во Македонија.

    Истражувајќи ги тие податоци Милошевски дошол до голем број фасцинантни приказни сврзани за настанатите ликовни дела. Едната е за Макс Ромер (1878-1960) германски сликар од Хамбург, кој се образувал на ликовните академии во Хамбург, Берлин и Париз. Но, Големата Војна (Првата Светска војна) го трансформира од сликар во војник во германските пешадиски сили и го носи на фронтовите во Шампањ, Франција (1915) , Сон, Франција (1916), Романија (1917) и Македонија (1918).

    Во колекцијата има повеќе од 200 оригинални уметнички дела, ретки печатени материјали, репродукции и уметнички книги, кои ја покриваат работата на странските сликари во Македонија во периодот помеѓу 1850-1950 година. (Фото: СДК.МК)

    „И покрај тоа што неколку негови цртежи се во мојата приватна колекција, еден цртеж кој го немам, а неодамна е објавен во книгата на  Едвард Касаб ‘Макс Ромер, цртежи од Големата Војна’ ме импрессионира: Ромер почнал да кодира во Морзеова азбука букви и пораки скриени во цртежи од македонскиот народен вез и османлиската калиграфија. На овој начин, праќал пораки за позициите на германските трупи, или можеби праќал искрени писма дома на семејството без да бидат редактирани од воената цензура. Отсега кога ќе видам македонска народна носија, на пример онаа од Егејска Македонија, ја гледам не како облека, туку како 100 годишна мобилна технологијасо приказни запишани на неа. Втората приказна е поврзана со една интересна слика од Скопје на која се гледаат камили. Во мај 2019  учествував на една онлајн аукција на која се нудеше пастелен цртеж насловен „Скопие, Вардар со замок 916 2 / 6“ од унгарскиот сликар Јанош Вазари (1867-1939). Наддавањето започна со ниска почетна понуда. И тогаш се случи шок. Лавина на наддавања од целиот свет се влеа кон овој цртеж. Цената отиде 5 пати над нејзината почетна вредност во рок од 1 минута. ‘Што се случува овде?’, си помислив. Ме обзеде еуфоријата и тргнав во наддавањето на сѐ или ништо. На крајот победив. Тоа ме поттикна да почнам да го истражувам сликарот Јанош Вазари. Студирал уметност во Будимпешта, Минхен и Париз. За време на Првата светска војна, служел како дописник на српскиот фронт. Очигледно бил стациониран во Скопје, а мојата потрага по неговиот ‘скопски’  период ме одведе во колекцијата на Националната галерија на Унгарија, во која има едно негово мошне необично дело: ‘Караван со камили во Скопје 1916 година’ масло на платно. Тоа уште повеќе ме заинтригира, па почнав да барам од кадекамили во Скопје. Тоа ме доведе до германскиот уметник Франц Хекендорф (1888-1962) кој исто така за време на Првата Светска војна служел во германсјката војска во Македонија кој направил една литографија на која се гледаат камили и која сега ја поврзав со делото на Вазараи. Сега почнав да барам од каде камили во Македонија, па во во колекцијата на Империјалниот воен музеј во Лондон пронајдов неколку фотографии направени од германски фотограф на кои се гледа турска колона за транспорт со камили во близина на Скопје што само уште еднаш ја потврди автентичноста на сликата на Вазари дека во Скопје на времето имало камили“, кажува Милошевски.

    Милошевски апелира доколку некој има дополнителни информации за човекот на фотографијата или пак за фотографот да го контактира да за ја решат мистеријата. (Фото: СДК.МК)

    Третата приказна го однела во Букурешт. Во процесот на барање на „македонска уметност“, во јуни 2015 контактирал со дилерка на стари фотографии од Романија,  Маргарит Сорин од Букурешт. Од нејзината голема колекција на фотографии од почетокот на 19.век, извадил една многу ретка – фотографија од средината на 19. век на еден млад господин со модерни мустаќи и брада и печат од задната страна на влашки јазик: „Gl. Vassilofschi Photograf Macedonenu Dui Ochritu”.

    „Ја купив фотографијата во истиот момент. А кој не би ја купил? Колку често на пазарот се појавува оригинална фотографија од 1850 направена од можеби еден од првите фотографи во Македонија – господин Гл. (Глигор?) Василовски? Кога отидов на одмор во Охрид сакав да добијам некаква индикација кој е овој фотограф Гл. Василовски но, ниту Музејот во Охрид, ниту Музејот на Македонија во Скопје не можеа да се согласат кој е надлежен да направи експертиза на фотографијата. Гледаќи ја фотографијата се прашував кој е овој човек, некој од семејството Робевци? Глигор Прличев? Мене ми заличи и на Константин Миладинов. Има доста сличности со оглед на тоа дека од Константин има само цртежи, но не и фотографија. Оваа приказна е во исто време и повик за помош доколку некој има дополнителни информации за човекот на фотографијата или пак за фотографот за да можеме најпосле да ја решиме оваа мистерија заедно“, истакнува Милошевски.

    Тој вели дека и понатаму работи на Лексиконот и ќе продолжи да ја зголемува својата колекција уметнички дела. „Ова е културен аманет кој му припаѓа на сите етнички групи и денешни држави во чии граници има дел од географска Македонија“, додава колекционерот.

    З. АНДОНОВ 

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира