Американската пејачка и актерка Селена Гомез (34) изјави дека користењето електронски цигари со никотин ѝ го променило гласот. Таа кажа дека престанала да ги користи и ги охрабри и другите да го направат истото.
„Нема да можам да си го променам гласот. Многу користев електронски цигари со никотин. Многу е тешко да се откажеш од никотинот. Ако минувате низ тоа или размислувате да користите електронски цигари, едноставно не вреди. Тоа е навистина глупаво и ми го промени гласот“, вели таа во видеообјава на Инстаграм.
Гомез призна дека ѝ било тешко да се откаже од никотинот, но ги охрабри и другите што се обидуваат да се откажат постепено да продолжат со напорите.
„Навистина сум среќна, затоа што престанав и се надевам дека ќе успеам да истраам. Многу е тешко, но знам дека ако минувате низ нешто слично, и вие можете да го надминете. Навистина е ужасно“, рече таа.
Гомез боледува од лупус, автоимуно заболување што може да предизвика болки во зглобовите, осип на кожата и замор.



