Бети Котовчевска од Ресен, на социјалните мрежи позната како Бетика, денеска на охридската плажа Лабино организираше групно велигденско капење во студена вода. Таа со години има необична страст која за неа е животен мотив – капење во студена вода. Се капела во студена вода во 35 земји, а во Лапонија го поставила својот рекорд во вода која имала 0 Целзиусови степени, при надворешна температура од -34.
Настанот во Охрид се одржа втора година по ред.
„Додека светот слави Велигден на свој начин, додека многумина се губат во бучава, заборав и алкохол, јас бирам свесност, тишина и љубов. Ова е покана да останеме присутни, будни и поврзани со себе, со природата и едни со други. Да си подариме момент на вистина, дишење и чиста енергија“, ни рече Бетика и додаде дека ѝ е драго што заедно со неа се капеа луѓе од цела Македонија.
„Ова е втора година, традиција што би ја правела секоја наредна. И кругот се шири, во Македонија има толку многу прекрасни луѓе, како што јас милувам да речам ‘сите најубави луѓе од Македонија на едно место’“, рече Котовчевска.
Нејзината цел е преку капењето во студена вода, во љубов и мир, да го прослави најголемиот христијански празник.
„Го избрав Охридското Езеро затоа што е најстариот портал. Портал меѓу старото и новото, меѓу тоа што сме биле и тоа што сме подготвени да станеме. Излеговме од водата полесни, почисти, поблиску до вистината. Затоа што секое потопување е ново раѓање. И таму, во тишината на езерото, се сетивме кои сме навистина“, вели Котовчевска.
Бетика десет години професионално играла ракомет и планинарела, сѐ до тешката сообраќајка која ѝ го сменила животот.
„Имав само 18 години кога ме прегази автомобил, паднав во тешка депресија кога ми соопштија дека не смеам ниту да одам. Професионално се занимавав со ракомет 10 години, ракометот беше мојот живот. И оп, еден ден нема ништо од тоа. Бев неподвижна и во депресија, добив плус 20 килограми. Сакав да се откажам од животот, ништо немаше смисла“, ни рече лани Котовчевска.
Во тој период не знаела како да се избори со тоа и вели дека ја спасиле холандскиот спортист Вим Хоф, познат како Ледениот Човек и неговата филозофија, a во 2024 учествувала и на негова работилница во Келн.
М. ЏАРОВСКА
Фото: Н. БАТЕВ




