Археолозите открија голема погребна комора на неидентификуван египетски фараон во близина на градот Абидос, што датира од пред 3.600 години, од време на хаотичен период во историјата на Египет.
Откривањето на гробницата седум метри под земја во античката некропола на планината Анубис беше објавено од Музејот на Универзитетот во Пенсилванија и египетските археолози.
Погребната комора откриена во Абидос, важен град во древниот Египет, беше празна, очигледно одамна ограбена од ограбувачи на гробови. Името на кралот кој некогаш бил закопан внатре првично било запишано во хиероглифски текстови на влезот од комората, заедно со насликани сцени на кои се прикажани божиците Изида и Нефтис.
„Неговото име било во натписите, но не ги преживеало грабежите од древните ограбувачи на гробници. Можни кандидати се кралеви по име Сенаиб и Паентени, кои ги знаеме од спомениците во Абидос, кои владееле во оваа ера, а чии гробници не се пронајдени. Политичката историја на оваа ера е фасцинантна и не е целосно разбрана“, рече Јозеф Вегнер, професор по египтологија на Универзитетот во Пенсилванија.
Гробницата потекнува од времето познато како Вториот среден период, кој траел од 1640 до 1540 година пред нашата ера, кога египетските фараони биле меѓу најмоќните личности во регионот. Гробницата на неидентификуваниот крал е изградена во поголемиот гробен комплекс на претходниот и моќен фараон по име Неферхотеп Први.