ИМ ПРЕПОРАЧУВАМ НА МЛАДИТЕ ДА СЕ ПРОБААТ ВО ПРИВАТНИОТ СЕКТОР, СИТЕ КОМПАНИИ ИМААТ ПОТРЕБА ОД ДОБАР КАДАР, КАЖА ЖИВКО МУКАЕТОВ НА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО СКОПЈЕ

    ИМ ПРЕПОРАЧУВАМ НА МЛАДИТЕ ДА СЕ ПРОБААТ ВО ПРИВАТНИОТ СЕКТОР, СИТЕ КОМПАНИИ ИМААТ ПОТРЕБА ОД ДОБАР КАДАР, КАЖА ЖИВКО МУКАЕТОВ НА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО СКОПЈЕМукаетов збореше во рамките на панелот „Успешна бизнис приказна – посветеност, дисциплина, интуиција“ (Фото: Алкалоид)

    Голем дел од младите луѓе кај нас сметаат дека ќе можат најдобро да се реализираат преку јавниот, државен сектор, но јас сепак би го препорачал приватниот сектор, кажа генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, кој беше учесник на конференцијата „Чувари на мудроста“, која вторпат ја организираше „Халк банка“, овојпат под мотото „Инспирација за новата генерација“.

    Мукаетов збореше во рамките на панелот „Успешна бизнис приказна – посветеност, дисциплина, интуиција“, заедно со Петар Ниновски, основачот на „Бреинстер“ и се осврна на своите лични и професионални предизвици во 25-годишната кариера.

    За мене најголем предизвик беше почетокот на менаџерското поглавје. На 32 години дојдов на чело на еден голем систем со долга традиција и специфична тежина. Многу луѓе беа со резервирана доверба, а превладуваа и очекувањата дека најдобрите времиња за ‘Алкалоид’ завршиле. Осумнаесет години потоа, резултатот на исклучително посветената работа е глобална компанија, присутна на сите континенти, во повеќе од 50 земји, со континуиран раст и развој и над петкратен раст на продажбите во изминатиот период. Компанија која покажува и докажува дека и во Македонија можеме многу работи да направиме онака како што треба и дека сме способни и конкурентни да се позиционираме каде било во светот“, истакна Мукаетов.

    Голем дел од панел дискусијата беше посветен на човечките ресурси, односно предизвиците со кои младите се соочуваат на почетокот од нивните кариери.

    Кај нас, голем дел од младите луѓе сметаат дека ќе можат најдобро да се реализираат преку државниот сектор. Јас сепак би го препорачал приватниот сектор, каде што секој кој се одважил и заслужил шанса, истата неминовно ќе ја добие. Сите компании имаат потреба од квалитетни и посветени кадри со правилни вредности. Ние во ‘Алкалоид’ се бориме таквите луѓе да ги донесеме и задржиме преку програмите за практикантство, дуално образование, кариерно следење и разни интерни обуки и активности“, рече Мукаетов.

    Ниновски во своето обраќање нагласи дека младите не треба да се штедат во првите 15 години од својата кариера, туку да работат напорно, да се пробуваат, ако треба и да направат грешки во бизнисот.

    Целта на конференцијата „Чувари на мудроста“ е обединување на студентите и младите претприемачи со најдобрите ментори и практичари од различни професионални области и можност од прва рака да се слушнат успешни приказни и да се научат корисни работи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира