Група адвокати, професори и активисти за човекови права побараа од федералната влада на Австралија да затвори контроверзна изложба во Сиднеј, по тврдењата дека се изложени тела на егзекутирани кинески политички затвореници.
Тие повикаа на бојкот на изложбата насловена „Вистински тела“, која прикажува тела и анатомски примероци, што се зачувани низ процес на пластификација.
Изложбата се рекламира како најголема колекција на мртви тела и човечки примероци што може да се види во Австралија и е одобрена од Министерството за здравство на Нов Јужен Велс.
Извршниот директор на галеријата Том Залер кажа дека телата се увезени од Кина, што ги загрижи активистите за човекови права.
„Прашање е дали телата се добиени по етички пат. Тврдењата дека станува збор за тела што никој не ги побарал не можат да бидат точни. Кинеските болници ги чуваат телата 30 дена пред да ги прогласат за небарани, а процесот на пластификација мора да се направи 48 часа по смртта“, вели активистката Сјузи Хјуз.
Професорот по психологија Вон Мејсфилд вели дека е застрашувачки што во 2018 се случува вакво нешто.
„Постојат силни докази дека изложените тела и органи потекнуваат од егзекутирани затвореници. Главно се изложени млади машки тела, спротивно на постарите коски, што вообичаено се донираат на медицински училишта во Австралија“, вели Мејсфилд.
Залер изјави дека вакви изложби се видени од 50 милиони луѓе низ целиот свет и секогаш биле одобрени од локалните влади.