Во архаичниот простор на Чифте амам во Старата скопска чаршија, е поставена изложба која концептуално е соодветна на просторот, а се состои од 12 интерактивни кинетички скулптури кои произведуваат звуци, на уметникот Дејан Спасовиќ насловена „Демоните на баба ти“.
На отворањето, публиката која играше со делата кои тоа и го бараат од неа, со оглед на нивната интерактивност, создаваше музичка слика во амамот која секој посетител различно си ја толкуваше и градеше своја приказни на подадената прва линија од авторот за демоните на нашите баби.
Звуците кои се произведуваат со делата создадени од отфрлени домашни предмети собирани по отпади и старинарници не се весели, туку се чудни, шкрипат, зујат, бучат, завиваат, ѕвонат, па будат најразлични асоцијации. Затоа, и промоторот на изложбата, професорот Ристо Солунчев рече дека со овие автентични скулптури, Дејан покажува интерес кон она што и во минатото ги мачело луѓето на овие простори, а тоа е како да се прикаже движењето. Солунчев се наврати на античките скулптури, кои се статични, на западните кои се исто така базирани на класичното, и рече дека отоманските и византиските градби, напротив се темелат на движењето.
„Дејан никогаш не го интересирала класичната скулптура. Тој создава дела кои би звучеле како музика“, вели Солунчев споредувајќи ги овие звучни скулптури со градбите во отоманската или византиската империја. Тој зборуваше и зошто е насловот „Демоните на баба ти“, појаснувајќи оти бапството и детството одат заедно, и секогаш кога ќе се сетиме на нашите детството, ние без исклучок се сеќаваме на нашите баби, а со тоа и на нивните предмети, од кои инаку се направени овие скулптури, и се прашуваме што стана со просторот по нивната смрт.
„Оваа изложба нѐ враќа во детството каде што е примарна имиганицијата, а токму имагинацијата е клучниот орган на уметноста, а не разумот или емоциите. Со оваа автентична скулптура Дејан оди кон таа вознемиреност која ја носиме сите, зашто нашата состојба не е статична“, вели Солунчев.
Спасовиќ вели оти пет години работи на изложбата, на нејзиниот концепт, на приказната, потоа на механиките – како една жица за варање на пареа, на пример, да стане сончоглед, фрлена закачалка да се претвори во птица, некој тотем да проговори.
„Мотивот на птицата ми е многу битен, но не сугерирам што тоа значи. Останува на публиката да си развивава свои асоцијации. Верувам дека уметноста не треба да биде обврзувачка и не треба да се дава како зададена, на примир како мотив на мртва природа, и да остане на тоа, херметички затворено, стерилно, не, јас сакам да отворам нови пејзажи, нови простори, да овозможам нови движења, да ја предизвикам публиката кога ќе дојде дома да се преиспитува околу делата, само така може да живее уметничкото дело“, вели Спасовиќ.
Тој вели дека за овие скулптури нема рецепт како се правени. Тргнал од идејата старите и фрлени парчиња од покуќнините на некој начин да ги спаси и да ги постави во нов контекст во кој ќе продолжат да живеат и ќе раскажуваат уште нови приказни.
„Кога ги отфрламе работите не сме свесни зошто ги отфрламе, си велиме оти се стари, а во суштина ги фрламе зашто се плашиме од нешто што се вика минливост, што се вика умирање, смрт. Си мислиме дека ако се ослободиме од старите работи што биле на баба ни, ќе се ослободиме од тој притисок дека сме минливи. Тоа беше првиот концепт на приказната, а вториот концепт е дека скулптурите се намерно правени да бидат интерактивни, да ја привлечат публиката да влезе во сооднос со делото. Делата намерно немаат наслови зашто сакав да се исчисти просторот помеѓу делото и гледачот, за да може секој поединично да си развие своја приказна, и токму таа да биде вистинската приказна за конкретното дело“, вели Спасовиќ.
Тој додава дека сугестијата е силна работа, па не сакал повеќе да ги наведува гледачите освен со насловот на изложбата.
„Сакам секој да има своја сторија, иако да, смртта е присутна заедно со споменувањето на нашите баби. Сакав да го демистифицирам стравот од траорноста што постои околу смртта во западното општество, па затоа се повикав и на стиховите на персискиот филозоф, теолог, правник, поет и суфи мистик од 13. век Мевлана Џелалудин Руми дека ние не умираме, туку се претвораме во нешто друго. Сметам дека тој страв од смртта понекогаш доведува до очај, сосема непотребно. Смртта не боли. Сакам да реферирам дека е таа нормалност и неминовност“, објаснува Спасовиќ кој со радост ја води публиката од дело до дело, во игра со старите отфрлени предмети на кои тој им даде нов, загадочен, но и духовит начин на живот.
Дејан Спасовиќ, познат и по својата музичка дејност во „Пеце Атанасовски оркестар“, „Свирачиња“ и “Старовски“ зборува и за звукот во контекст на делата:
„Звукот е исто така детска игра, првите работи што детето ги перцепира не се со видот, тие се со слухот. Ние сме сите, заедно со планетата, од звук настанати. Звукот е нешто што нѐ креира, звукот е фреквенција и вибрира секаде околу нас и во нас, затоа според мене звукот е и почетокот и крајот на нештата. Јас и во музиката влегов преку звукот, прво почнав да пуштам звуци, а потоа научив да свирам музика. Звукот е составен дел на скулптурите. Сакам да создавам дела на кои ќе може да се свири, сакам да го создадам својот инструмент, некогаш“.