Ново истражување покажа дека коронавирусот може да се задржи во очите дури и откако тој исчезнал од респираторниот систем на заразениот.
Ова било откриено откако истражувачите го испитале првиот пациент со коронавирус во Италија, 65-годишна жена која на 23 февруари пристигнала од кинескиот град Вухан. Таа по неколку дена била примена во болница со развиени симптоми, вклучувајќи коњуктивитис, при што било утврдено дека е позитивна на коронавирус.
Бидејќи коњуктивитисот не ѝ поминувал, лекарите земале брис од окото и тоа го повторувале речиси секој ден. Така утврдиле дека коронавирусот, иако помалку концентриран, останал во окото цели 21 ден.
Истражувањето исто така покажало дека очната течност може да го содржи вирусот и дека е потенцијален извор на зараза, како влезно место за вирусот.
„Коњуктивитисот повремено се јавува како симптом на КОВИД-19, слично како кај инфекциите предизвикани од други човечки коронавируси“, се вели во студијата.