Поштата на САД објави дека ќе издаде поштенска марка со ликот на Бети Вајт, легендарната американска актерка која се прослави во комичните серии „Шоуто на Мери Тајлер Мур“ и „Златни девојки“. Таа почина на 99 години на 31 декември 2021, две недели пред да наполни 100 години.
Во кариерата која се протегна низ осум децении, Вајт освои осум Еми награди и еден Греми. Како еден од пионерите на телевизијата, таа ги отвори вратите на забавната индустрија за многу жени.
„Иконата на американската телевизија, Бети Вајт (1922–2021) ја споделуваше својата духовитост и топлина со гледачите седум децении“, соопшти американската Пошта, при објавувањето на марката, на која е прикажана насмеана Вајт врз основа на фотографија од славниот фотограф Кваку Алстон од 2010.
Родена во Оукленд во 1922, Вајт ја почнала кариерата во 1939, пеејќи во експериментален телевизиски пренос. По Втората светска војна, настапувала на радио, по што стана првата водителка на телевизиско ток-шоу.
„Шоуто на Бети Вајт“ имаше премиера во 1954 година, но она што ја направи вистински славна беше улогата на Сју Ен Нивенс во „Шоуто на Мери Тајлер Мур“.
Својот легендарен статус го зацементира со серијата „Златни девојки“ во 1980-ите.
Поштенската служба не објави датум кога ќе биде издадена марката.