Летната резиденција на поранешниот фашистички диктатор Бенито Мусолини во близина на Римини, на италијанскиот јадрански брег, ќе биде понудена на аукција, објавија италијанските медиуми. Сопственикот на имотот во одморалиштето Ричоне донесе одлука да го стави на аукција, а понудите треба да се достават до 22 декември.
Општинскиот совет на Ричоне веќе изрази интерес за стекнување на резиденцијата позната како Вила Мусолини. Општината ја користела вилата на бесплатен заем од претходниот сопственик, но сега сака да ја купи целосно, а потоа да ја надгради зградата.
Вилата, која моментално служи како место за културни настани и изложби, е изградена околу 1890 година во типичен стил на викендички на јадранскиот брег. Вилата неколку пати менувала сопственици сè додека сопругата на Мусолини, Рахеле, не ја купила во 1934 година, по што служела како летна резиденција на семејството.
По погубувањето на Мусолини од италијанските партизани во 1945 и крајот на Втората светска војна, таа станала државна. Има постојани контроверзии околу името на имотот. И покрај критиките, општината Ричоне го задржа името Вила Мусолини.



