ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ОД СТРУМИЦА ИЗРАБОТУВААТ УКРАСИ И САМИ ЌЕ ГИ ПРОДАВААТ ЗА ПРАЗНИЦИТЕ

    ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ОД СТРУМИЦА ИЗРАБОТУВААТ УКРАСИ И САМИ ЌЕ ГИ ПРОДАВААТ ЗА ПРАЗНИЦИТЕПродажбата на новогодишните експонати, лицата со интелектуална попреченост од Струмица ја започнуваат денес, на одбележувањето на Светскиот ден на лицата со попреченост (Фото: СДК.МК)

    Лицата со интелектуална попреченост од Струмица, членови на Центарот за подршка на лицата со интелектуална попреченост „Порака“ ќе понудат Новогодишна бајка со рачни изработки. Тие веќе три месеци со помош на своите родители секојдневно изработуваат украси и декоративни експонати кои сами ќе ги продаваат во пресрет на празниците. На тој начин сакаат да докажат дека и тие може да бидат креативни и во корист на општеството, а не да бидат маргинализирани.

    Лицата со попреченост велат дека ќе подигнат и штандови во централното градско подрачје каде со своите родители и волонтерите на „Порака“ ќе ги понудат украсите на минувачите (Фото: СДК.МК)

    Во просториите на „Порака“, преку дружба, лицата изработуваат новогодишни украсни елки, свеќници, декоративни ѕвезди, разновидни експонати од дрво. Веќе направиле над 500 експонати, кои денес ги изложија, на Меѓународниот ден на лица со попреченост, а во текот на месецот со своите родители, ќе ги продаваат на посебни штандови во Струмица.

    Дел од ексопнатите (Фото: СДК.МК)

    „Не работиме само за престојните празници, туку во текот на целата година. Децата со интелектуална попреченост творат и работат украсни експонати. Овде во просториите на ‘Порака’ секој ден попладне се собираме и низ двочасовно дружење креираме, твориме, работиме. Изработуваме разни сувенири, подароци. Користиме природни материјали и со нивната имагинација изработуваме експонати, според нивните можности. Нив тоа ги исполнува и сега особено се среќни бидејки ќе заработат од своите рачно изработени елементи“, вели Соња Сачевска од Центарот „Порака“.

    „Работам свеќник за маса. Го декорирам во новогодишни бои“, вели Николина (Фото: СДК.МК)

    Едни нижеа монисти и правеа ѓердани. Други украсуваа новогодишни елки со конци и волница. Трети работеа на дедо мразовци од текстил. Секој си има своја задача во клубот на „Порака“ , каде беа под будно око на волонтерите кои помагаат, а по потреба при потешките задачи се приклучуваат и родителите. Вистинска работна атмосфера и одвреме навреме, гласови и гестикулации со докажување дека ја завршиле работата.

    За изработка на украсите се користат природни материјали (Фото: СДК.МК)

    „Работам свеќник за маса. Го декорирам во новогодишни бои. Неколку ќе подарам, а другите ќе ги продадам и ќе заработам некоја пара. Нема да се скапи“, низ смеа кажа Николина седната на масата со украсните свеќници кои ги дотеруваше и им ги нанесуваше последните новогодишни нијанси.

    „Јас работам ѓердани. Ќе им ги дадам на мама, баба и дада, а украсив и три елки“, радосно извикуваше Лидија.

    Во изработката на украсите секојдневно помагаат и родителите (Фото: СДК.МК)

    Родителите пак во соседната соба ги правеа конструкциите за потешките експонати, а потоа заедно со волонтерите и децата ги надоградуваа и ги осмислуваа како потоа да изгледаат. Предничат желбите и имагинацијата на децата со интелектуална попреченост.

    „Активни сме. Освен овде, децата инсистираат нешто да сработат и дома. Добивам впечаток дека стекнуваат некои работни навики. Секако дека ние мора да бидеме со нив оти им е потребна помош. Поголема подршка од институциите за овие деца мора да има. На пример, дел од овие експонати да бидат пуштени во трговската мрежа со напомена дека се рачни изработки со лица со интелектуална попреченост. На тој начин ќе се мотивираат лицата со интелектуална попреченост“, вели Виолета Туџарева, која со својата ќерка секојдневно изработуваат експонати.

    Во просториите на „Порака“, преку дружба, лицата изработуваат новогодишни украсни елки, свеќници, декоративни ѕвездии разновидни експонати од дрво (Фото: СДК.МК)

    Сачевска вели дека сакаат преку рачно изработените експонати на лицата со интелектуална попреченост на јавноста да ѝ ја пренесат пораката за еднаквост, заедништво и потреба од поголема инклузија на овие лица во сите пори на општеството. Центарот паралелно го реализира проектот „Преку креативност поблиску до социјална инклузија“ што го помага Општина Струмица, кој има за цел развој на креативните способности и потенцијалите за себеизразување на лицата со интелектуална попреченост.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира