Маслинови насади, современа механизација и производство на екстра девствено маслиново масло беа дел од посетата на плантажите во Валандовскиот регион, каде што започна новата берба на маслинки за македонскиот бренд „Терзели“. Гостите имаа можност да се возат низ плантажите со маслинки, одблизу да го видат начинот на берба и да се запознаат со процесот на производство на маслото.
Зад брендот „Терзели“ стои компанијата „Биоботаника“, која инвестирала во современа технологија, специјализирани машини за берба и преработка на маслинките, како и во обука на кадарот. Благодарение на механизацијата, времето од берењето на маслинките до нивната преработка се мери во минути, што овозможува подобро зачувување на природните својства на плодот.

во Валандовскиот регион, каде што започна новата берба на маслинки за македонскиот бренд „Терзели“ (Фото: „Биоботаника“)
„Убедени сме дека иднината на македонското земјоделство лежи во создавање на производи со додадена вредност, кои ќе го надминат примарното производство и ќе го позиционираат македонскиот квалитет на светскиот пазар. Само преку ваков пристап можеме да изградиме одржлива приказна за македонското земјоделство и да создадеме производи по кои Македонија ќе биде препознатлива во светот.
Токму од оваа визија произлезе идејата за Терзели, нашиот сон од 2018 година, проект кој започна како хоби, но со текот на времето прерасна во вистинска пасија и страст. Во него вложивме многу повеќе отколку што еден бренд во категоријата маслиново масло може да очекува да поврати на краток рок, но веруваме дека на долг рок овие инвестиции ќе ја покажат својата вистинска вредност. Веруваме во потенцијалот на македонската клима и во можноста Македонија да стане препознатлива по производството на ултра-премиум маслинови масла“, рече Милан Ивановски, сопственик на „Биоботаника“.
Маслиновото масло се добива со екстракција на температура под 28 степени целзиусови. Според производителот, маслото има ароми на зелена маслинка и свежо косена трева, со овошни, горчливи и пикантни ноти.
Производството на маслиново масло во Валандовскиот регион е пример за обидите да се воведат нови земјоделски култури и производи со поголема додадена вредност во Македонија, каде што маслинарството сè уште не е толку распространето како во соседните медитерански земји.
М. ЏАРОВСКА




