Официјално мени за државна вечера, потпишано од поранешниот кинески лидер Мао Це Тунг, е продадено на аукција за 275 илјади долари. Аукциската куќа „Ар-Ар“ (RR) од Бостон објави дека менито било за вечера која се одржала на 19 октомври 1956 во Пекинг, во чест на првата државна посета на Кина на пакистанскиот премиер Хусеин Шахид Сухраварди.
Менито било потпишано од шест влијателни кинески државници, меѓу кои Мао Це Тунг и премиерот Чу Енлај. На вечерата се служела храна од двете држави, меѓу кои и деликатеси како перка од ајкула во кафеав сос и печена пекиншка патка.
„Да се зачува мени потпишано од Мао Це Тунг и Чу Енлај значи да се чува дел од минатото, парче што раскажува приказна за дипломатски ангажман, културна размена и создавање пријателства што опстојувале низ децениите“, вели Боби Ливингстон од аукциската куќа.