Компании на кои им се плаќа за да можете да се преправате дека работите за нив станаа популарни меѓу невработени млади во Кина, што доведе до пораст на бројот на такви даватели на услуги.
Во услови кога економијата и пазарот на труд во Кина се успорени, невработеноста кај младите останува доста висока, повеќе од 14%. Со оглед на тоа што вистинските работни места сè потешко се наоѓаат, некои млади претпочитаат да платат за да одат во канцеларија отколку да седат дома.
Шуи Џоу (30) имал бизнис со храна кој пропаднал во 2024. Во април оваа година тој почнал да плаќа 30 јуани (4,20 долари) дневно за да оди во лажна канцеларија управувана од фирмата „Pretend To Work“ во градот Донгуан, 114 километри северно од Хонгконг. Таму им се придружил на петмина „колеги“ кои го прават истото.
„Се чувствувам многу среќен. Како да работиме заедно како група“, вели Џоу.
Вакви фирми сега се појавуваат во поголемите градови низ Кина, вклучувајќи ги Шенжен, Шангај, Нанџинг, Вухан, Ченгду и Кунминг. Тие често изгледаат како целосно функционални канцеларии и се опремени со компјутери, сали за состаноци и чајџилници. И наместо присутните само да седат, тие можат да ги користат компјутерите за да бараат работа или да се обидат да започнат сопствен стартап бизнис. Понекогаш дневната такса, обично меѓу 30 и 50 јуани, вклучува ручек, закуски и пијалаци.
„Феноменот на преправање дека се работи сега е многу чест. Поради економската трансформација и несовпаѓањето помеѓу образованието и пазарот на трудот, на младите луѓе им се потребни овие места за да размислат за своите следни чекори или да работат нешто како транзиција. Компаниите за преправање се едно од транзициските решенија“, вели Кристијан Јао од Универзитетот Викторија во Велингтон, кој е стручњак за кинеската економија.
Џоу сметал дека канцелариската средина ќе му ја подобри самодисциплината. Сега е таму повеќе од три месеци. Тој им испратил фотографии од канцеларијата на своите родители и вели дека тие се чувствуваат многу поопуштено поради неговата невработеност. Иако учесниците можат да дојдат и да си одат кога сакаат, Џоу обично доаѓа во канцеларијата меѓу 8 и 9 часот и понекогаш не заминува до 23 часот.
Сопственик на компанијата „Pretend To Work“ е 30-годишниот Феију, што му е псевдоним.
„Она што го продавам не е работно место, туку достоинството да не се биде бескорисен човек. И самиот едно време бев невработен. Откако ми пропадна претходниот малопродажен бизнис, бев многу депресивен и малку самодеструктивен“, кажа тој.
Во април оваа година почнал да ја рекламира „Pretend To Work“ и во рок од еден месец сите работни станици биле полни. Феију вели дека 40% од клиентите се неодамна дипломирани студенти кои доаѓаат да се фотографираат за да го докажат своето искуство со пракса, а мал број од нив доаѓаат да помогнат во справувањето со притисокот од нивните родители. Останатите 60% се фриленсери, од кои многумина се дигитални номади. Просечната возраст е околу 30 години.
Официјално, овие работници се нарекуваат „професионалци за флексибилно вработување“. Феију не е сигурен дали бизнисот ќе остане профитабилен. Наместо тоа, тој повеќе сака да го гледа како социјален експеримент.