Сѐ повеќе млади Американци се одлучуваат да возат автомобили произведени кон крајот на 1990-тите и почетокот на 2000-тите, наместо да купуваат нови и скапи модели. Покрај пониската цена, ги привлекуваат едноставната механика, можноста сами да ги поправаат и носталгијата за времето кога автомобилите имаа помалку електроника.
Овој тренд е особено забележлив кај припадниците на генерацијата З, кои сѐ повеќе се интересираат за постари автомобили, познати по својата издржливост и поедноставно одржување. За разлика од современите возила, кои често бараат специјализирана опрема и скапи поправки, кај постарите модели многу механички проблеми можат да се решат со основен алат и малку знаење.
Важна улога имаат и високите цени на новите автомобили, како и трошоците за осигурување и одржување. За дел од младите купувачи, постар автомобил претставува начин да избегнат долгорочно задолжување, но и можност да научат повеќе за механиката.
„Го сакаме затоа што буквално можам сѐ да поправам дома. Не ми треба посебна опрема, алат или компјутер за да откријам што не е во ред“, вели 32-годишниот Алекс Хименез, кој вози „фолксваген“ од 2001 година.
Интересот за автомобилите од почетокот на милениумот е поврзан и со враќањето на модата и естетиката од тој период. Моделите што некогаш се сметале за обични семејни возила денес добиваат нова популарност меѓу младите.
Иако постарите автомобили можат да имаат поголеми трошоци за непредвидени поправки и помалку современи безбедносни системи, за нивните млади сопственици тие претставуваат поинаков однос кон возењето, во кој практичноста, самостојноста и личниот стил имаат предност пред најновата технологија.



