Најдолгата и најбавна музичка композиција што постои имаше голем ден во понеделникот откако промени акорд за првпат по две години. За да сведочат на овој редок момент, кој беше дел од уметнички подвиг на американскиот авангарден композитор Џон Кејџ, бројни луѓе дојдоа во црквата „Бурхарди“ во германскиот град Халберштат.
Експерименталното дело „Најбавно што може“ почна во 2001 и се свири на специјално изградени оргули, а предвидено е да заврши во 2640 година, што значи дека ќе трае уште 616 години.
Композицијата досега имаше 16 промени на акорди, а при последната беше додадена нова цевка на механичките оргули за да се произведе сосема нов звук. Иако композицијата официјално почна пред 23 години, во првите 18 месеци имаше само тишина, а првата нота се слушна во 2003.
Претходната промена на акорд се случи на 5 февруари 2022, а следната е закажана за 5 август 2026, според сајтот на проектот.
Наспроти сегашните епски пропорции на делото, неговата премиера во 1987 траеше нешто помалку од 30 минути. Следните верзии беа подолги, а сегашната произлезе од состанок на филозофи и уметници по смртта на Кејџ во 1992.