Единствениот четиригодишен весник во светот повторно се појави во киосците во Франција со објавувањето на новиот број на сатиричниот „Ла бужи ди сапер“ (La Bougie du Sapeur). Уникатноста на таблоидот од 20 страници е што излегува само на 29 февруари – значи еднаш во престапна година. Првото издание беше во 1980, а ова е број 12.
Замислен од група пријатели кои „сакаа да се насмеат“, „Ла бужи ди сапер“ (на француски значи свеќата на член на општествентоот движење Ла сапе, кои се дотеруваат и ставаат акцент на стилот и изгледот) има тираж од 200.000. Цената за примерок е 4,90 евра и ги покрива трошоците дури и повеќе од потребното.
„Откако првото издание беше распродадено за два дена, продавачите на весници бараа повеќе примероци – затоа рековме добро, но само за четири години!“, вели уредникот Жан Д’Инди, чија главна работа е водење на џокеј клуб. „Весникот сè уште го креираат неколку пријатели. Се среќаваме во бар и нафрламе идеи и пиеме. Многу се забавуваме, а ако му е забавно и на читателот, тоа е шлагот на тортата“, вели Д’Инди.
Нарекувајќи се „антиполитички коректен“, „Ла бужи“ е организиран како обичен весник, со делови за политика, спорт, меѓународни работи, уметност, загатки и озборувања на познати личности. Но, написите се дизајнирани како хумористични коментари. Главниот наслов на ова издание – Сите ќе бидеме интелигентни – е за приказната за тоа како испитите и интелектуалните достигнувања се направени вишок од вештачката интелигенција. Втората главна приказна – насловена Што треба да знаат мажите пред да станат жени – објаснува „предизвици“ со кои се соочуваат мажите кои сакаат да преминат во женски пол.
„Тоа е француски хумор и не се преведува на други јазици“, вели д’Инди. „Се обидуваме да бидеме глупави, но не и гадни. Да се исмеваме без да бидеме сурови“.
На меѓународните страници има кратко парче кое ги потсетува Французите кој бил „најзаборавниот“ од современите британски премиери – Лиз Трас. А во спортот, уредниците препорачуваат создавање на наградата Винстон Черчил за првиот човек што ќе биде елиминиран на Олимписките игри. Ова врз основа на тоа што мотото на Черчил – според весникот – било „Нема спорт“. Има и сериска приказна, Давење во базенот, чиј следен дел ќе биде во 2028 година.
„Ла бужи ди сапер“ е именуван по една од најраните француски цртани фигури, Саперот Камамбер. Тој беше лик војник кој се појавуваше во стрип цртежи за животот во војската во 1890-тите. Весникот не се појавува на Интернет и може да се купи само кај продавачи на весници и киосци за весници.
„Се надевам дека имаме малку свеж воздух на секои четири години“, вели д’Инди. „Деновиве луѓето треба да можат да се смеат“.