НАЈГОЛЕМАТА ПАСТРМАЛИЈА НА МАКФЕСТ ПРЕД 37 ГОДИНИ БИЛА СО 40 КИЛА ТЕСТО И 30 КИЛА МЕСО, ДЕНЕС СЕ ПРАВИ СО ДУПЛО ПОМАЛКУ

    НАЈГОЛЕМАТА ПАСТРМАЛИЈА НА МАКФЕСТ ПРЕД 37 ГОДИНИ БИЛА СО 40 КИЛА ТЕСТО И 30 КИЛА МЕСО, ДЕНЕС СЕ ПРАВИ СО ДУПЛО ПОМАЛКУВеќе 15 години Штип подготвува џиновска пастрмалија. Годинава је пресекоа Мартин и Стефан Филиповски од групата „Некст тајм“, градоначалникот на Штип, Иван Јорданов и главниот мајстор Николчо Малинов. (Фото:СДК.МК)

    Веќе 15 години Штип како домаќин на традиционалната манифестација „Штипска пастрмалијада“ подготвува џиновска пастрмалија во знак на почит на овој стар штипски специјалитет ,кој во последните години и официјално е верификуван како бренд на градот. Во последните неколку години, обврската за изработка на џиновска пастрмалија доброволно ја презеде пекарницата „Штипски сокак“.

    „Уште првата година, пекарницата за оваа прилика изработи и специјална тава долга 2,1 метри и 1,1 метри. За неа се подготвија 20 килограми тесто и над 15 килограми месо и се печеше во нашата голема фурна на 300 степени“, вели главниот мајстор и сопственик на пекарницата, Николче Малинов.

    Но, за штипјани ова не е најголемата пастрмалија, затоа што за време одржувањето на вториот Макфест во 1987 година, се испече најголемата пастрмалија воопшто во Македонија, со димензии 5,5 метри на 1,8 метри и за неа биле потрошени 40 килограми тесто и над 30 килограми месо.

    Ваквата џиновска пастрмалија била идеја на двајца тогашни новинари на Радио Штип, кои откако дознале од тогашниот директор на Макфест, Стојан Троицки, дека на вториот фестивал Макфест ќе присуствуваат над 100 акредитирани новинари од Словенија, Хрватска и од сите останати тогашни републики на поранешна Југославија, сметале дека ќе биде атракција за колегите да се направи ваков специјалитет.

    „Иницијативата му ја образложивме на Панче Миташев, тогашен директор на единствената штипска пекарница во тоа време ‘Жито леб’, која работеше во состав на големото трговско претпријатие ‘Макпромет’ . Тој веднаш ги собра сите петтмина мајстори на чело со мајстор Ристов и како спонзорство на градот и на фестивалот ја испекоа таа џиновска пастрмалија. Како го направија тоа, не знаеме, ама џиновската пастрмајлија беше сервирана на дваесетина маси во банкет салата на тогашниот хотел ‘Астибо’ во Штип. По завршувањето на првата прес-конференција, стотина новинари од сите тогашни републики се сладеа на вкусниот специјалитет. Јадеа и други, но оти беше голема пастрмалијата пак остана“, се присетува еден од штипските новинари.

    Поучени од овие програмски содржини на Макфест, подоцна организаторите на манифестацијата „Пастрмалијада“ го презедоа теркот и почнувајќи од првиот па сѐ до годинава, по 15. пат  прават џиновска пастрмалија, не со тие димензии, но сепак голема колку да го привлече вниманието на посетителите. Но, за догодина најавуваат џиновска Макфестовска пастрмалија.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира