Акин Сезар од Турција, кој веќе десетина години живее во Охрид, е еден од малкуте земјоделци во Охридскиот Регион кој има сертификат за органско производство. На плодните пластеници во месноста „Андон Дуков“ сади органски садници со семиња донесени од Турција. Произведува артичока, аспарагус, домати, пиперки, јагоди и други видови зеленчук и овошје без употреба на пестициди.
Сезар вели дека органската храна е потребна за здрав организам, но луѓето ретко доаѓаат во неговата градина оти имаат навика да купуваат од пазар каде поголем дел од производите содржат пестициди и хемикалии. За органските производи, како што вели Сезар, се интересираат само доколку имаат здравствен проблем. Додава дека луѓето треба да се хранат со здрави зеленчуци, но треба да ги купат директно од земјоделците оти на пазарите сѐ помалку има органски произведена храна.
„Зеленчукот кој се продава тука се носи од Албанија, Грција и се препродава на сите тезги. Луѓето тоа не го знаат и мислат дека купуваат од домашните производители. Ние не можиме да се бориме со големите играчи, па нашите производи ни остануваат по нивите. Затоа нашите земјоделци се повеќе се откажуваат од производство на големи количини за продажба. И јас ќе садам количини кои ќе ми бидат доволни за зимници. Вложив многу труд,многу финансии, но отсега ќе работам само со производство на зимници“, вели Сезар.
Тој е првиот регистриран произведувач на артичока во Македонија, а зимницата ја подготвува на посебен начин, па е познат по неговото макало од лук и артичока, слаткото од чери домати и традиционалниот ајвар по негов уникатен рецепт.
„Кога правам ајвар ставам зачини кои го прават посебен, уникатен. Лутенката исто така ја правам на мексикански начин, специфична е. Правам и слатко од чери домати, макало од артичока, од аспарагус. Тоа се производи кои ги имам во мојата бавча како мој бренд“, вели Сезар.
Најновиот негов иновативен производ е слаткото од пиперки кое има лут и благ вкус. Акин вели дека тука не застанува, па во неговата богата колекција ќе се најде и слаткото од модар патлиџан.
„Македонската кујна со овие производи ќе се збогати затоа правам нешто посебно. Подготовката на зимницата е по традиционалниот македонски начин, но ставам нешто посебно, правам магија за да биде вкусно и иинтересно, надвор од класиката“, додава Сезар.
Сезар како член на организацијата за здрава храна „Слоу фуд“ со своите производи настапува на меѓународни настани каде ја раскажува гастрономската приказна од Македонија и ги презентира традиционалните вкусови на храната.
„На последниот голем саем за храна во Италија се дегустираа моите производи кои беа оценети највисоко. Поради короната две години не се организираше ваков настан, но оваа година Македонија за првпат имаше и свој штанд и интересот беше навистина голем. Ова се саеми каде се презентира производството карактеристично за местото од каде доаѓаш со традиционални производи“, раскажува Сезар.
Органските производители преку ваквата презентација на храната стануваат амбасадори на државата, но и привлекуваат туристи преку вкусовите на традиционалната храна подготвена од здрави и локални намирници. Бараат и поддршка од државата да воведе ред за да не може секој да продава лажно органска храна.
„Мора луѓето да знаат дека за да си производител на органска храна мора да поседуваш сертификат. Мора да има контрола и да се спречи злоупотребата секој да кажува дека продава здрава храна. Кај нас кои имаме сертификат се е испитано, од семе до земја и вода“, вели Сезар кој ги продава своите производи на неговиот земјоделски имот, а дел од нив можат да се најдат во специјализираните продавници за здрава храна.
С. ВРЕНЦОВСКА