Осма планета е откриена во оддалечен сончев систем, израмнувајќи се во бројот на планети со нашиот, објави НАСА денеска.
Уште поневеројатно е што таа беше откриена од машина, а не од човекот.
Телескопот на НАСА, „Кеплер“, ја пронајде планетата во сончевиот систем наречен Кеплер 90 и ова е првпат да се открие оддалечена ѕвезда, во чија орбита има ист број планети како околу нашето сонце.
Иако за Кеплер 90 се знаеше од порано, осмата планета наречена Кеплер 90и беше откриена со помош на софтвер со вештачка интелигенција во историскиот заеднички проект на НАСА и Гугл.
Научниците велат дека ова откритие може да ги зголеми надежите за пронаоѓање на вонземски живот некаде во универзумот.
Планетите на Кеплер 90 имаат слична конфигурација како нашиот сончев систем, при што помалите планети кружат поблиску до сонцето.
„Ова за првпат потврдува дека далечни ѕвездени системи можат да бидат дом на семејства големи колку нашето“, соопшти НАСА.
Се проценува дека новата планета е 30 пати поголема од Земјата.
„Тоа не е место коешто би сакале да посетите. Веројатно е карпесто и нема дебела атмосфера, а температурите на површината се исклучително високи, околу 430 Целзиусови степени“, изјави астрономот на НАСА, Ендрју Вандербург.