НЕ ИМ КАЖУВАЈТЕ НА ЛУЃЕТО ДЕКА НЕ МОЖАТ, ВЕЛИ ЉУЉЕТА АДЕМИ, ПРВА ЖЕНА СО ФИЗИЧКА ПОПРЕЧЕНОСТ КОЈА ГО ИСКАЧИЛА ТРИГЛАВ

    НЕ ИМ КАЖУВАЈТЕ НА ЛУЃЕТО ДЕКА НЕ МОЖАТ, ВЕЛИ ЉУЉЕТА АДЕМИ, ПРВА ЖЕНА СО ФИЗИЧКА ПОПРЕЧЕНОСТ КОЈА ГО ИСКАЧИЛА ТРИГЛАВИскачувањето на Триглав било ветувањето што Адеми си го дала на самата себеси откако уште еднаш ја победила болеста. (Фото: Приватна архива)

    Љуљета Адеми почнала да оди по планини и како еден вид отпор кон предрасудите на опшеството и советите „немој“, „не можеш“, „не пешачи“, со кои лицата со физичка попреченост често се соочуваат во животот. Адеми долги години се бори со хроничен остеомиелит, трипати ја победила смртта, била пред ампутација на ногата, но и покрај сѐ, останува жена со фасцинантно позитивен карактер и животна енергија, која цел живот придонесува за поголема инклузија на лицата со физичка попреченост, од студентските денови, преку работата во здружение, до сегашниот ангажман во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.

    Нејзините челична волја и нескршлив дух неодамна ја однесоа до врвот на Триглав, висок 2.864 метри, станувајќи прва жена со физичка попреченост која успеала да го искачи. Тоа било ветување што си го дала на самата себеси по уште една опасна епизода со болеста.

    Адеми на својот прв врв, Црн Камен на Јабланица, во 2016 (Фото: Приватна архива)

    „Кога нашите установи рекоа дека веќе нема да можам да планинарам, отидов во Словенија на контрола за да видам дали уште имам тумор, каква е состојбата на коската. Таму се покажа дека сум 100% чиста. Тогаш се свртев кон Триглав и му реков ‘ќе те качам‘. Оттука симболиката со Триглав“, вели Адеми.

    По професија преведувач-толкувач, Адеми вели дека отсекогаш ги сакала планините и се гледала на нив, но првото искачување дошло сосема случајно.

    „Мене ногата ми се топли само на планина“, вели Адеми

    „Секоја недела пукав од енергија, но цело време ме советуваа да не одам ни до врвот на Водно за да не ја оптоварувам ногата. Во 2016 отидов на кампинг во Струга и таму начекав планинари кои се подготвуваа да го искачат Црн Камен, највисокиот врв на Јабланица. Се вљубив во тие енергија и позитива и им велам и јас утре доаѓам со вас. Лекарот и мајка ми не ми дозволија, немав опрема, ни знаев што сѐ ми треба, но во шест часот наутро се појавив на стартот. Сите скептично ме гледаа и ми се чудеа, но успеав, со невидени маки, ама насмеана и со силна волја. Имаше и овации и плачење, таа среќа не можам да ја опишам. Од тој ден не престанав да одам по планини“, вели Адеми.

    По година и пол, таа повторно се разболела и наредните седум месеци била неподвижна.

    „За хроничен остеомиелит нема лек. Болеста стагнира, па после одреден период пак се појавува, при што се јавуваат тумори на коската. Јас не газам на стапалото, што е чудно за еден планинар, немам два прста, имав 20 хируршки интервенции, трипати бев во клиничка смрт. Кога веќе се помирив со тоа дека ќе одам на ампутација во Виена и дека мојот сон за планинарење заврши, го контактирав научникот Хетем Рамадани од Косово, кој живее во Албанија и повеќе работи со алтернативна медицина. Немав што да изгубам, сѐ пробав од медицината. После два месеца, директно од кревет и без никаква кондиција, се придружив на традиционалното искачување на Љуботен од косовската страна“.

    Адеми преку планинарењето ја шири својата кампања „Гледај ја способноста, не попреченоста“ и посакува да оди и за Непал. (Фото: Приватна архива)

    Пред да тргне за Триглав, Адеми не била свесна за податокот дека претходно ниту една жена со физичка попреченост не се искачила на највисокиот врв на Словенија, а своевремено и на Југославија. Без разлика на тоа, таа имала своја цел, свое мото, своја порака.

    „Со мене како логистика дојде само Мишко Танески, со кого бев во школо за планинарски водич и кој лани бил на Триглав. Тешко наоѓавме спонзори, па тргнавме со минимални средства. Иако имаше доста качување, имав чувство дека можам и за момент се уплашив само кога стигнавме до планинарскиот дом Планика, кога погледнав нагоре и го видов врвот. До таму имавме уште шест часа, но бев решена да продолжам и по пат цело време ме охрабруваа на разни јазици. Четири часа се качував на раце, додека Мишко ја носеше патерицата, која ни беше важна зашто сакавме да испратиме порака од врвот. Со многу маки стигнав на врвот и таму заплакав. Симнувањето ми беше уште потешко, дел одевме и ноќе. Се изненадив како одекна овој мој подвиг. Три дена ми требаше да се освестам. Нозете ми беа цели во модринки, а рацете отечени. Кога не го познаваш стравот, можеш да направиш вакви подвизи, духот те тера“.

    „Отсекогаш сум ги сакала планините и сум се гледала на нив“, вели Адеми. (Фото: Приватна архива)

    Колку и да било тешко и опасно на Триглав, Адеми продолжува со својата кампања „Гледај ја способноста, не попреченоста“.

    „Кога се вратив во Македонија, добив понуда да одам во Непал. Си велам, зошто да не, животот и онака ми даде многу предизвици, но тоа ќе бара многу поголема логистика. Мене ногата ми се топли само на планина, таму добива циркулација. Сакам со мојата кампања да помогнам да се промени свеста кај луѓето, да не им се кажува на лицата со физичка попреченост дека не можат, туку дека можат. Ми велат дека толку многу сум лачела хормон на среќа, што е уништено сѐ од негативното. Дружете се со позитивни луѓе и визуелизирајте“, порачува Адеми.

    Сето ова несомнено би бил и добар материјал за книга.

    „Веќе ја подготвувам“, вели популарната Лули.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира