Туристот кој беше снимен како си го врежува името на ѕидините на римскиот Колосеум изјави дека не бил свесен колку е стара градбата кога го направил тоа. Идентификуван како британски државјанин со бугарско потекло Иван Димитров, тој преку писмо му се извини на градоначалникот на Рим, велејќи дека сега ја сфаќа сериозноста на својата постапка.
Димитров бил снимен од случаен минувач минатиот месец додека со клуч пишувал „Иван+Хејли 23“ на 2.000 години стариот Колосеум, што се однесувало на неговото и на името на девојка му. Откако снимката се прошири на социјалните мрежи, уследија силни критики и осуди, а властите почнаа потрага по престапникот, кој сега се соочува со казни.
„Најискрено им се извинувам на Италијанците и на целиот свет. Длабоко сум засрамен, зашто дури откако го направив тоа дознав колку е стар споменикот“, стои во писмото на 27-годишниот Димитров, кој е роден во Бристол.
Ако биде осуден, Димитров би можел да добие казна до 15.000 евра и затворска казна меѓу две и пет години. Адвокатот на Димитров изјави дека се надева дека извинувањето би можело да му помогне да добие поблага казна.