На темата „Баукултур“ или „Култура на градење“, вечерва во полниот Музеј на Град Скопје се отвори 19. Биенале на македонската архитектура БИМАС 2018.
Претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Мартин Пановски вели дека Баукултур е можеби преширока тема, но смета дека е актуелна тема во Македонија бидејќи 20 и повеќе години, како што рече, тоа е она што нам ни недостига,
„Оваа изложба е позитивното сфатено од Баукултур, позитивните примери како културно треба да се однесуваме кон нашиот сопствен простор. За жал кога ќе излеземе надвор од Музјот, првиот објект кој право ќе го видиме е онаков пример како не треба , т.е она што ни фали, култура на градење. Култура на градење не им фали само на архитектите, иако се можеби најповикани, култура на градење му фали на комплетното општество“, рече Пановски.
Годинашниот претседател на Советот на Биеналето, Владимир Десков ја претстави програмата до затворањето на 27 септември, до кога ќе има настани како: детска работилница- Мала школа за архитектура, изложба на илустрации на Зоран Кардула, изложба на фотографии на Даниел Ѓурчиновски, како и Баукултур разговори за Проект Скопје и за градење култура.
„Биеналето е култна и културна манифестација, која по 19 .пат ги става на јавен увид достигнувањата од областа на архитектурата и нејзиниот квалитет во изминатите две години.
Култура на градење и градење култура се двете нешта кои се актуелни и нам ни се неизмерно потребни и оттука тргнавме во поставувањето на годинашната тема“, рече Десков.
На свеченото затворање на БИМАС на 27 септември, ќе се доделат повеќе награди како: Голема награда на БИМАС за реализиран архитектонски проект, за реализирање внатрешна архитектура, за најдобар индустриски дизајн, за урбанистички план или проект, награда од областа на архитектурата, внатрешната архитектура и индустриски дизајн како и специјална награда.
БИМАС е поддржан од повеќе институции како: Министерството за култура, Град Скопје, Општина Центар и „Еуролинк осигурување“.
Б. НЕСТОРОСКА