Здружението „Дијамантски петел“ од Тетово ја организира 8-ма Државна изложба и 16-та Регионална изложба на украсни птици и ситни животни. Во спортската сала во Брвеница беа изложени голем број украсни птици, меѓу кои најзастапени беа украсните кокошки, гулабите и шатките, а имаше и фазани, папагали и други птици.
„На изложбата учествуваат 32 учесници кои доаѓаат од сите региони на државата, а изложени се 485 примероци од разни видови украсни птици. Најзастапени се оние раси птици кои со векови се одгледувале на овие простори и кои се македонски автохтони раси на гулаби и птици, но има и птици донесени од странство. Изложбата има и натпреварувачки карактер, па ќе бидат доделени награди за најубава ситна и крупна живина“, вели Ванчо Илиевски, претседател на македонската Федерација на украсни птици и ситни животни.
За некои од одгледувачите на украсни птици ова е само едно убаво хоби, но за дел од нив, кои сериозно навлегле во тајните на одгледувањето на украсните птици, ова хоби прераснало во сериозен бизнис.
„Ова е едно навистина прекрасно хоби кое може да ги задоволи двете најважни страни: едната е уживањето во дворот да се имаат вакви ретки и убави видови птици, но од друга страна, со продажбата на овие птици чија цена е повеќекратно повисока од обичните домашни кокошки, може сериозно да се надополни семејниот буџет“, потенцира Илиевски.

За некои од одгледувачите на украсни птици ова е само едно убаво хоби, но за дел од нив, кои сериозно навлегле во тајните на одгледувањето на украсните птици, ова хоби прераснало во сериозен бизнис. (Фото: СДК.МК)
Љубиша Премчески од тетовското село Долно Седларце е еден од овие одгледувачи кои своето првично хоби да одгледува украсни птици го претворил во сериозен бизнис.
„Јас одгледувам малку поегзотични птици. Моментално имам над 200 вакви птици меѓу кои се и „платинести“, „златни“ и „сребрени“ фазани, неколку видови пауни од кои најзастапени се белите и шарените пауни, а имам и два вида украсни кокошки, меѓу кои е и т.н. „свилена јапонска кокошка“ која ја имам во четири варијации. Овие украсни птици првенствено се чуваат од мерак, но кога подлабоко ќе се навлезе во ова, тоа може да прерасне и во бизнис. Но, за нивното одгледување потребни се и големи почетни финансиски средства за обезбедување храна и посебни услови за живот. Сепак, можам да кажам дека од овој бизнис не може човек да се збогати, но може доволно да добие за да го задоволи меракот и на птиците да им овозможи услови колку што тие заслужуваат. Цената на овие птици зависи пред сè од нивната боја и изглед. Еве, еден пар обични шумски фазани чини околу 20 евра, но затоа пак кај овие златните, сребрените и платинестите фазани, цената знае да достигне и до 200 евра за пар, па и повеќе. Исто и цената на пауните се движи од 150 до 200 евра по пар, па и нагоре во зависност од големината и бојата на паунот“, вели Љубиша Премчески, одгледувач на украсни птици.
Македонските одгледувачи на украсни птици со големи напори и макотрпна работа успеаја да ги стандардизираат и меѓународно да ги регистрираат автохтоните македонски гулаби „дунекот“ и „македонската маска“, но има и такви гулабари кои повеќе се наклонети кон странските раси гулаби. На оваа изложба за првпат беа прикажани видови гулаби кои доаѓаат од Русија и Украина.
„Во последниве 5-6 години јас одгледувам неколку украински и руски видови гулаби. Едниот вид е „Црвена Волга“, потоа имам „Украинска челика“, „Ростовски качуни“ – видови кои ги нема во Македонија, а јас сум ги набавил од Бугарија и Србија. Да донесеш гулаб од странство во Македонија е доста макотрпна работа бидејќи има многу администрација. Еве, оваа „Црвена Волга“ ја купив за 50 евра, но додека ја средив севкупната документација (бидејќи се потребни многу документи за да можам легално да ја внесам во Македонија, а тоа значи ветеринарски преглед, пасош, вакцини), потрошив над 70 евра. Се одлучив за овие раси гулаби бидејќи според мене се поукрасни и затоа што ги нема кај нас. Мислам дека најверојатно сум единствениот кој ја има оваа раса гулаби“, објаснува Симеон Павлов, одгледувач на гулаби од Кочани.
З. АНДОНОВ



