Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и штипскиот градоначалник Благој Бочварски заедно ја пресекоа џиновската пастрмалија со што го означија почетокот на 13. издание на манифестацијата Штипска пастрмајлијада.
Спасовски беше воодушевен од атмосферата и се заблагодари на честа да ја пресече џиновската пастрмалија, велејќи дека досега не пробал толку вкусна пастрмалија како што била џиновската.
„Добро е што со вакви манифестации се одржуваат старите традиции како што е случајот со долгата историја на штипската пастрмајлија“ кратко рече градоначалникот Бочварски на синоќешното отворање на тридневната манифестација.
Џиновската пастрмалија 12 години ја подготвуваа пекарите од „Жито леб“, а оваа година за прв пат џиновската ја испекоа мајсторите од пекарницата „Штипски сокак“. За големиот штипски брендиран специјалитет тие потрошиле 12 килограми свежо свинско месо и 20 килограми тесто. Пастрмајлијата беше долга 2 метри, а широка 1,10 метри.
„Набавив посебна фурна со современа германска технологија која со високи стандарди и квалитет може да пече леб и секако пастрмајлии. Уште лани изработив и специјален еколим на која ќе се пече џиновската пастрмајлија. Најавив дека сум подготвен за градот секоја година да печам ваква џиновска пастрмајлија“ вели мајсторот и сопственик на пекарата „Штипски сокак“, Николче Малинов.
Вечерва во музичкиот дел ќе настапат македонските млади интерпретатори Мартинијан Кириловски и Антонија Гиговска и српската пејачка Цеца Ражнатовиќ, а во недела групите Ноу енд, Топико бенд и Викторија Лоба од Македонија и Даниела Мартиновиќ од Хрватска.
Т. ЈОВАНОВСКИ