Британскиот актер и оскаровец Колин Фирт, чиј заштитен знак се улогите на класични Англичани, стана Италијанец, потврди министерството за внатрешни работи на Италија.
Британските медиуми минатата година објавија дека Фирт поднесол барање за добивање на италијанско државјанство веднаш откако помина референдумот за излегување на Велика Британија од Европската Унија.
„Славниот актер, кој доби Оскар за улогата на кралот Џорџ Шести во филмот ‘Говорот на кралот‘, е оженет за наша државјанка и често ја изразува својата љубов кон нашата земја“, стои во соопштението на Министерството.
Фирт (57) е во брак со филмската продуцентка Ливија Џугиоли од 1997 година и имаат две деца.
По изгласувањето на Брегзит, чија реализација треба да почне во 2019 година, некои земји од ЕУ, како Германија, Франција и Ирска, објавија дека голем број Британци имаат поднесено барање за добивање на нивно државјанство.