ОСТАВЕТЕ МЕ ДА ЈА СНИМАМ ОВАА УБАВИНА, КАЖА ШАРЛ АЗНАВУР ЗА ОХРИД ПРЕД ДЕВЕТ ГОДИНИ

    ОСТАВЕТЕ МЕ ДА ЈА СНИМАМ ОВАА УБАВИНА, КАЖА ШАРЛ АЗНАВУР ЗА ОХРИД ПРЕД ДЕВЕТ ГОДИНИШарл Азнавур направил стотици фотографии во Охрид, а најмногу бил воодушевен од Градиште и наколната населба

    „Оставете ме уште малку да ја фатам оваа убавина”, кажа францускиот шансониер Шарл Азнавур пред девет години, кога во рамките на Фестивалот на француски филм во Охрид му беше доделена Златна маска за животно дело.

    Француската поп икона со ерменско потекло, кој вчера почина на 94 години, на 8 јули 2009 година цел ден ги снимаше убавините на Охридското Езеро и на целото охридско крајбрежје. Со себе носел најсовремен фотоапарат „канон” и направил стотици фотографии.

    Посебно бил воодушевен од Градиште и од тамошната наколна населба, каде што место предвидените триесет минути, остана повеќе од еден час. Со него биле и неговиот син Миша и уметничкиот фотограф Зоран Велјановски-Летра.

    Азнавур во 2009 година ја прими Златната маска за животно дело на Фестивалот на француски филм во Охрид

    „Азнавур со фотографија се занимава речиси седум децении. Кога дојде во Охрид, го однесов во Градиште и кај наколната населба. Го зеде својот ‘канон‘ и непрекинато фотографираше повеќе од еден час. Направи многу фотографии и во моментот кога беше побарано да си заминеме, тој рече: ‘Оставете ме уште малку да ја фатам оваа убавина‘. Азнавур на ова место се чувствуваше најпријатно, бидејќи претходните денови беше опседнат од обожаватели и претставници на медиумите”, кажа тогаш Велјановски-Летра, кој цело време бил во негова придружба.

    Летра тогаш не зборуваше многу за престојот на Азнавур во Охрид и не откриваше многу детали. Таков бил договорот со уметникот, со цел да се сочува неговата приватност, на која инсистирал.

    „Можам да ви кажам само дека снимавме во Градиште, во неговата околина. Азнавур беше воодушевен од убавините на охридското крајбрежје и ми рече дека фотографиите што ги направи ќе ги чува како драг спомен”, кажа тогаш Летра, кој денеска не се јавуваше на нашите пораки.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира