ОТКРИЕНИ ПИСМА СО НОВИ ПОДАТОЦИ ЗА АНАСТАС КОЦАРЕВ, МАКЕДОНСКИ ОНКОЛОГ КОЈ СОРАБОТУВАЛ СО МАРИЈА КИРИ ВО ПАРИЗ

    ОТКРИЕНИ ПИСМА СО НОВИ ПОДАТОЦИ ЗА АНАСТАС КОЦАРЕВ, МАКЕДОНСКИ ОНКОЛОГ КОЈ СОРАБОТУВАЛ СО МАРИЈА КИРИ ВО ПАРИЗИ покрај сите писма, смртта на Анастас Коцарев во 1931 останува мистерија.

    Анастас Коцарев (1889- 1931) бил македонски онколог кој користел радиотерапија уште на почетокот на 20. век во Франција и бил близок соработник на нобеловката Марија Кири. Неговото дело над 80 години тонеше во заборав, се’ до 2011, кога преку проект финансиран од Европската комисија беше направен документарниот филм „Заборавени македонски умови“, на иницијатива на професорот Божин Доневски.

    Во филмот е кажано дека тој бил еден од пионерите на радиотерапијата, но и на радиографијата. Прв направил рендгенографија на фотографска плоча од тело на пациент заболен од канцер. Студирал на Медицинскиот универзитет во Женева, работел и во лабораторијата на Кири на Сорбона, а се смета дека со резултатите од истражувањата бил блиску до добивањето на Нобелова награда. И во американското списание „Тајм“ се барала поддршка истражувањата да ги продолжи во САД.

    Коцарев напишал значајни трудови, но ниту еден примерок од нив нема во македонските библиотеки

    Но, сегменти од животот на докторот останаа енигма. Неодамна неговите потомци пронајдоа писма од вереницата Сесил Пинел и од пријателот Пјер Гандилон од Франција, кои ги испратиле до семејството на Коцарев по неговата смрт на 42 години во Париз. Семејството одлучи содржината да ја сподели со читателите на САКАМДАКАЖАМ.МК, со цел да се дознае што повеќе за животот на научникот.

    Писмата потврдуваат дека напорно работел на дијагностицирање и лекување на ракот со примена на радиум, но и дека полагал испити по медицина во Франција за да добие право на пракса, па стажирал по болници. Напишал значајни трудови, но, за жал, ниту еден примерок нема во македонските библиотеки.

    „Се запознавме пред четири години (1928), тој работеше на истражување на ракот во лабораторија во Париз. Веднаш ми предложи брак, но за да живееме заедно мислеше дека се потребни финансиски средства, а тој немаше пари, ни јас, а сѐ уште немаше право да работи како лекар во Париз. Учеше, стажираше и објави две книги за ракот. 15 дена пред смртта доби титула француски доктор. Требаше да биде назначен за директор на одделението за болни од рак“, напишала вереницата во писмо до роднината на научникот, Илија Коцарев.

    Една од книгите му послужила како дипломска дисертација и за неа добил честитки од сите професори на Факултетот за медицина во Париз. Вереницата пишува дека му помагала да ја напише на правилен француски јазик. Според писмото, живеел во пансион на улица Станислас број 14 во Париз. Починал ненадејно. Вереницата пишува дека претходниот ден бил весел, се жалел само на болки во стомакот, а другиот ден сопственикот на пансионот го нашол мртов во собата. На 3 април 1931 бил погребан во семејната гробница на нејзиното семејство.

    Писмата потврдуваат дека Коцарев напорно работел на дијагностицирање и лекување на ракот со примена на радиум, но и дека полагал испити по медицина во Франција

    „Неговата соба е запечатена од полицијата. Во неа има многу книги за медицина. Планирате ли да дојдете во Париз? Во спротивно, треба да одредите некој да ве застапува во Париз. Не смее да се дозволи на непознати луѓе да чепкаат по неговите записи и писма“, предупредила вереницата.

    На истото во друго писмо предупредува и неговиот пријател Гандилон.

    „Да нѐ овластите преку нотар, за да спречиме плодовите на неговата работа да паднат во непознати раце. Сакаме неговиот метод да ни овозможи создавање на Институт за борба против ракот во Обон, добротворен центар, без никаква профитна цел“, пишува пријателот до Коцареви.

    Но, од семејството не отишле во Париз, зашто роднината до кој било адресирано писмото бил на работа во друг град.

    „Мојот дедо му бил прв братучед на Анастас и јас писмата ги најдов меѓу документите на татко ми кога почина. Колку што знам од раскажувањата на татко ми, дедо ми не отишол во Париз. Бил на служба во Горни Милановац. Стажирал за адвокат. Писмото стигнало во Охрид, каде што живеело семејството, но тој тогаш не бил таму, па поминало време и било доцна“, раскажува внукот Климент Коцарев.

    Писмата од вереницата Сесил Пинел и од пријателот Пјер Гандилон биле испратени до семејството на Коцарев по неговата смрт на 42 години во Париз

    И со писмата, смртта на докторот останува мистерија. Во нив се претпоставува дека, можеби, бил озрачен, дека имал слабо срце, но меѓу роднините останал и сомнежот дека можеби бил отруен поради неговата заложба за македонската кауза.

    „Умрел во екот на професионална и стручна зрелост. Точно не се знае од што. Но, сега дознаваме каде се наоѓа неговиот гроб и дека починал во Париз, а не во Женева. Добро е тоа што се склопува мозаикот за неговиот живот и за одредени периоди нема веќе да има шпекулации“, вели неговата внука Соња Коцарева-Трпезановска, специјалист физијатар во Клиничката болница во Битола, која пред неколку години имаше напишано материјал за животот на научникот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира