Издадена е нова поштенска марка „Скопје се сеќава 1963 – 2023“, во чест на одбележувањето 60 години од разорниот скопски земјотрес. Марката денес ја промовираа Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со АД Пошта на Северна Македонија.
По иницијатива на УНДП, поштенската марка е испечатена во 6.000 примероци по дизајн изработен од Лоран Куфало, со препознатливиот стилизиран мотив на часовникот на Старата железничка станица и специјалното изработено лого по повод јубилејот. Марката е достапна во продавницата на Филателија при Пошта во Скопје со номиналната вредност од 36 денари.
„Новата поштенска марка изработена во партнерство со АД Пошта е во состав на активностите на УНДП за одбележување на 60 годишнината од земјотресот во Скопје. Марката ќе остане како сведок на отпорноста на градот Скопје и сигурен сум дека сите љубители и колекционери – филателисти ќе ја препознаат нејзината важност во одбележувањето важни историски моменти за идните генерации“, рече Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП.