Таен тунел во Колосеумот во Рим, стар две илјади години, што некогаш го користеле римските императори за тајно да влезат во Колосеумот, за првпат е отворен за јавноста. Познат како Премин Комод, тунелот е изграден под амфитеатарот за да им овозможи на императорите и ВИП-гостите да стигнат до своите места во ложата без да се мешаат со толпата.
Преминот го добил името по императорот Комод, суровиот водач кој владеел од 177 до 192 година од н. е. и се претпоставува дека преживеал обид за атентат во преминот. За современата поширока публика, Комод е познат како злобниот император кого го играше Хоакин Феникс во оскаровецот „Гладијатор“ на Ридли Скот.
Според соопштението од Археолошкиот парк Колосеум, подземниот тунел започнува надвор од амфитеатарот и завршува кај императорската ложа. Амфитеатарот бил завршен околу 80 година од нашата ера, а тунелот бил додаден некаде помеѓу првиот и вториот век.
„Ова е нешто многу посебно бидејќи морале да ги пресечат темелите“, изјави археологот Барбара Назаро.

Тунелот им овозможувал на императорите да ги избегнат и граѓаните на Рим и неговите сенатори кога влегувале во Колосеумот. (Фото: Археолошки парк Колосеум)
Преминот во облик на буквата С е откриен во 1810 година. Бил ископан во 1874, повторно истражуван во 1990-тите и делумно реставриран во 2020 и 2021. Втора реставрација на тунелот започна во 2024 и заврши минатиот месец.
Реставрацијата откри траги од мермерот што некогаш ги обложувал ѕидовите на тунелот, кои подоцна биле покриени со гипс и насликани со сложени пејзажи. Преминот имал и претстави на митот за Дионис и Аријадна, а неговиот влез бил украсен со сцени поврзани со Колосеумот, како што се лов на диви свињи и борби со мечки.
„Со малку труд на имагинацијата и помош на виртуелна реконструкција, посетителите ќе можат да уживаат во декорациите, фреските и мермерите што ги покривале ѕидовите“, вели Назаро.



