Озлогласениот бостонски гангстер Џејмс Вајти Балџер, кој беше инспирација за неколку филмови, е убиен во федерален затвор во Западна Вирџинија, јавуваат американските медиуми.
Осумдесет и деветгодишниот Балџер бил пронајден мртов во својата ќелија во затворот со максимално обезбедување, истиот ден откако бил префрлен од Флорида. Полицијата не ги откри околностите на неговата смрт. Затворот Хејзлтон се смета за еден од најсуровите во САД.
Тој беше фатен во Калифорнија во 2011 година по 16 години во бегство и две години подоцна беше прогласен за виновен за 11 убиства, добивајќи две казни доживотен затвор.
Последниот филм што беше снимен според неговата животна приказна е „Црна миса“ со Џони Деп, а тој бил инспирација и за „Покојните“ на Мартин Скорсезе, кој доби Оскар за најдобар филм во 2006 година.
Освен за убиствата, извршени од 1973 до 1985 година, Балџер беше осуден и за рекетирање, изнуда, перење пари, поседување оружје и за продажба на дрога.